Tanju Özkaya
14 Јули 2017•Ажурирај: 15 Јули 2017
АНКАРА (АА) - Anadolu Agency (AA) подготви веб-страница којашто е посветена на хероите од 15. јули, луѓето кои им се спротивставија на пучистите од ФЕТО и ги дадоа своите животи за да ја заштитат својата држава и демократијата.
Станува збор за страницата „15temmuzkahramanlari.com“ (Херои 15. јули), која е на турски јазик, а таму можат да се најдат текстови за хероите што загинаа на 15. јули, како и голем број пишани и визуелни информации за обидот за пуч.
AA, преку чии вести, фотографии и видеоснимки за обидот за пуч, но и случувањата потоа, целиот свет е информиран што всушност се случи во Турција ноќта на 15. јули минатата година, стави потпис на уште еден значаен проект подготвен во спомен на 250-те херои.
По тој повод, извршени се разговори со семејствата на жртвите од 15. јули, како и со нивните најблиски пријатели и колеги. По долга и посветена работа, пуштена е во употреба веб-страницата „15temmuzkahramanlari.com“.
На почетната страница се наоѓаат детални информации за терористичката организација ФЕТО, која стои зад обидот за државен удар од 15. јули 2016 година.
Исто така, на веб-страницата може да се најдат фотографии и биографиите на сите загинати граѓани за време обидот за пуч, меѓу кои и Омер Халисдемир, кој пред да биде убиен, усмрти еден од водачите на пучистите, бригадниот генерал Семих Терзи, и со тоа го промени и самиот тек на обидот за пуч.
Терористичката организација ФЕТО во седумдесеттите години на минатиот век почна да ги инфилтрира своите поданици во безбедносните институции на Турција, во осумдесеттите значително ги зајакна своите паралелни структури во тие институции и на крајот, на 15. јули минатата година изврши неуспешен обид за воен удар, со цел да го урне уставниот поредок и да ја собори демократски избраната турска власт.
Обидот за пуч беше спречен откако стотици илјади граѓани излегоа на улиците на Истанбул, Анкара и во другите делови на земјата, и храбро, голораки застанаа пред тенковите и оклопните возила со коишто пучистите се обидуваа да ја соборат демократски избраната власт во земјата. Притоа загинаа најмалку 249 лица, а беа ранети повеќе од 2.000.