İlkay Güder
27 Декември 2017•Ажурирај: 27 Декември 2017
ТУНИС (АА) - Претседателот на Тунис, Мухамед Беџи Каид Есебси, со најголеми државни почести го прими претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, кој допатува во официјална посета на оваа земја, што е последна станица од неговата повеќедневна африканска турнеја, јавува Anadolu Agency (AA).
Свечениот пречек со најголема почест е организиран пред претседателската палата во Тунис, при што се интонирани и двете државни химни на двете земји.

Ердоган ја поздрави почесната гарда построена во негова чест, по што следуваше и заедничка фотографија на двајцата лидери. Ердоган и Есебси ќе одржат состанок зад затворени врати.
Целта на посетата е јакнење на билатералните односи меѓу Турција и Тунис, а во делегацијата која ја предводи Ердоган, во Тунис допатуваа и неговата сопруга Емине Ердоган, началникот на Генералштабот на турската војска, Хулуси Акар, шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу и турските министри за економија, енергетика и природни ресурси, земјоделство, култура и туризам, финансии, образование, одбрана, транспорт и други високи официјални лица од Анкара.
Ердоган за време на посетата би требало да се состане и со шефот на туниската влада, Јусеф Чахед. Ресорните официјални лица на Турција и на Тунис денес ќе потпишат низа билатерални договори за унапредување на односите и меѓусебната соработка.