Dilara Hamit,Gözde Bayar
17 Април 2024•Ажурирај: 17 Април 2024
АНКАРА (АА) - Туркије ја задржа улогата на водечки давател на хуманитарна помош на Газа, изјави вчера турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, информирајќи дека Анкара го испратила деветтиот брод со 3.774 тони хуманитарна помош во палестинската енклава, јавува Анадолу.
Зборувајќи по состанокот на Владата во главниот град Анкара, претседателот Ердоган нагласи дека Туркије не дозволила извоз во Израел што би можел да се користи во воени цели многу пред да започне моменталната офанзива во Газа во октомври минатата година.
Ердоган ја истакна улогата на Туркије како стабилен актер среде глобалните превирања, припишувајќи го тоа на нејзината урамнотежена надворешна политика и достигнувањата во одбранбената индустрија.
„Додавање масло на огнот и континуираното угодување на администрацијата на Нетанјаху никому нема да му донесе ништо добро“, рече Ердоган во обраќањето во претседателскиот комплекс, истакнувајќи дека сѐ додека не се стави крај на „угнетувањето и геноцидот“ во Газа, во регионот можат да се очекуваат нови тензии.
- Израелските напади на Појасот Газа -
Израел започна смртоносна воена офанзива врз Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилните населби, училишта, верски објекти и болници по нападот на палестинската група Хамас на 7 октомври.
Тел Авив вели дека во тој напад се убиени речиси 1.200 Израелци, но според зборовите на пилот на Израелските вооружени сили, можно е дел од загинатите Израелци да се жртва на примената на „Ханибаловиот протокол“ од страна на израелската војска.
„Ханибалов протокол“ е контроверзна процедура што ја користат Израелските одбранбени сили со цел да се спречи киднапирање на израелските војници од страна на непријателските сили. Според оваа директива, „киднапирањето мора да се запре со сите средства, дури и по цена на напад и елиминирање на киднапираните“.
Во досегашните израелски напади на Појасот Газа убиени се 33.843 Палестинци, предизвикано е масовно уништување и недостаток на основни животни продукти.
Израел воведе целосна блокада на Појасот Газа, оставајќи го неговото население, особено жителите на северна Газа, на работ на гладување.
Според податоците на Обединетите нации, израелската војна принуди 85 отсто од населението на Појасот Газа внатрешно да се раселат, предизвика акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови, а 60 отсто од инфраструктурата на енклавата се оштетени или уништени.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата. Привремената пресуда во јануари му нареди на Тел Авив да ги запре геноцидните акти и да преземе мерки за да обезбеди хуманитарна помош за цивилите во Газа.
И покрај тоа, израелските напади врз Појасот Газа продолжуваат со несмален интензитет, а испораката на хуманитарната помош не е доволна за решавање на хуманитарната катастрофа.