Ekipa
12 Ноември 2021•Ажурирај: 13 Ноември 2021
ИСТАНБУЛ (АА) – Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, истакна дека името на Туркискиот совет веќе е Организација на туркиски држави, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган имаше свое обраќање пред учесниците на 8. Самит на Туркискиот совет одржан на Островот на демократијата и слободите во Истанбул.
„Името на Советот веќе е Организација на туркиски држави“, рече турскиот претседател.
Тој се осврна на активностите кои се реализирани од туркиските земји за време на пандемијата на новиот вид коронавирус (Ковид-19).
„Во периодот на пандемијата ги споделивме нашите капацитети, и со тоа уште еднаш покажавме дека сме обединети како туркиски свет“, нагласи тој.
Ердоган рече дека со новото име и новата структура уште побрзо ќе се развијат.
„Регионот на Туркистан кој е колевка на цивилизацијата, повторно ќе стане центар на гравитирање и просветлување за целото човештво“, истакна Ердоган.
„На состанокот го прифативме и Документот за визијата за 2040 година на туркискиот свет, кој ја исцртува перспективата на нашата организација за иднината“, додаде турскиот претседател.
Ердоган рече дека денешната фотографија на состанокот ја сметаат како нов симбол на вечното братство меѓу нив како туркиски свет.
„Никој не треба да се вознемирува од Организацијата на туркиски држави, туку треба да се обидат да бидат дел од оваа доброволна структура која се развива на вечни историски и човечки односи“, истакна Ердоган.
Турскиот претседател информира дека како Туркиски совет ќе донираат 2,5 милиони дози вакцини за Африка, од кои 2 милиони ќе бидат обезбедени од страна на Турција.