Gamze Türkoğlu Oğuz
12 Ноември 2021•Ажурирај: 14 Ноември 2021
АНКАРА
Поради мигрантската криза на границата меѓу Белорусија и Полска, преземени се мерки на претпазливост во врска со патувањето на ирачки, сириски и јеменски државјани од Турција во Полска, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Јакуб Кумох, државен секретар на претседателот на Република Полска, на својот профил на Твитер напиша: „ТХЈ [Туркиш ерлајнс] потврди дека за летовите во Минск ќе бидат прифатени лица со сириски и јеменски дипломатски пасош.“
Кумох додаде дека оваа практика нема да важи за Ирачаните со дипломатски пасоши.
Во меѓувреме, Генералниот директорат за цивилно воздухопловство во Турција на својот профил на социјалните мрежи објави дека е одлучено да не се продаваат билети на ирачки, сириски и јеменски државјани кои сакаат да патуваат од Турција за Белорусија.
„Поради проблемот со илегалните гранични преминувања меѓу Европската Унија и Белорусија, одлучено е на аеродромите во Турција да не им се продаваат билети на државјаните на Ирак, Сирија и Јемен кои сакаат да патуваат во Белорусија и истите да не се примаат во авионите“, се нагласува во објавата на Генералниот директорат за цивилно воздухопловство во Турција.
Шарлс Мишел, претседател на Советот на Европската Унија (ЕУ), исто така, на својот профил на Твитер им се заблагодари на турските власти и Генералниот директорат за цивилна авијација за нивната поддршка и соработка.
Дипломатските претставништва на Белорусија во различни земји продолжуваат да издаваат визи за патувања во Белорусија.
Бидејќи големиот број имигранти кои легално пристигнуваат во Белорусија се обидуваат да ја преминат границата со Полска, настана дипломатска криза меѓу двете земји.