Kübra Chohan
30 Април 2018•Ажурирај: 01 Мај 2018
АНКАРА (АА) - Делегација на Европската Унија (ЕУ) ќе ја посети Турција во средината на мај, за да разговара за договорот за безвизниот режим и за прашањето поврзано со бегалците, јавува Anadolu Agency (AA).
Извори од Европската Унија соопштија дека моментално во тек е разгледувањето на работниот план за можноста турските државјани да патуваат без визи во државите од Шенген зоната, поднесен од Турција во Брисел во февруари.
Техничката делегација од Комисијата на ЕУ ќе ги пренесе своите ставови за седум критериуми од вкупно 72 дадени критериуми за исполнување.
На 4-ти април, турскиот министер за европски прашања, Омер Челик, им соопшти на пратениците во парламентарната Комисија за надворешни работи дека веќе е разговарано за предлогот за безвизен режим со првиот заменик-претседател на Европската комисија, Франс Тимерманс.
„Тие ќе испратат техничка делегација (за визната либерализација) во Турција овој месец“, истакна Челик, додавајќи дека тие ќе ги пренесат своите ставови во однос на визната либерализација.
Во 2016 година, Турција и ЕУ потпишаа договор за регулирање на нелегалните миграции преку Егејското Море со преземање построги мерки против трговците со луѓе и подобрување на условите за речиси три милиони сириски бегалци во Турција.
Договорот, исто така, овозможува забрзување на постапката за членство на Турција во ЕУ и безвизно патување за турските државјани во рамките на Шенген-зоната, под услов Анкара да ги исполни сите 72 критериуми поставени од страна на ЕУ.
Турција долго време укажува дека ЕУ е бавна во однос на исплаќањето на ветените парични средства за бегалците и дека не го исполнува крајот од договорот во врска со безвизниот режим.