İlkay Güder
30 Април 2018•Ажурирај: 01 Мај 2018
ТАШКЕНТ (АА) - Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, за време на неговата посета на Узбекистан изјави дека целта оваа година е зголемување на трговската размена на пет милијарди долари, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган во Парламентот на Узбекистан рече дека му претставува чест што им се обраќа на браќата во Узбекистан, земја во срцето на Азија, која ги поврзува исток и запад, север и југ.
Тој истакна дека не постојат граници помеѓу срцата и дека растојанието не претставува ништо за оние чии срца и души се обединети.
Додаде дека Турција продолжува да ја штити вредноста и смислата на договорот за пријателство и соработка потпишан во 1996 година со узбекистанските власти.
Тој, исто така, укажа на постојаното зајакнување на соработката меѓу двете земји.
„Денес потпишавме 25 договори. Веројатно, Узбекистан до денес нема потпишано толку голем пакет“, рече Ердоган, додавајќи дека ќе продолжи блиската соработка.
Тој изјави дека Узбекистан привлекува сè повеќе инвеститори и станува доверлив партнер.
„Узбекистан многу брзо чекори по патот на развојот и благосостојбата. Економскиот раст не е нешто што ќе се случи преку ноќ. Потребно е многу работа, планирано делување, работа со желба, верба и самодоверба“, рече турскиот претседател.
Според него, Турција е подготвена да обезбеди секаков вид поддршка за Узбекистан на неговиот пат кон напредокот.
Во последните неколку години остварен е значителен прогрес..
„Заедничките напори вродија со тоа обемот на трговската размена во 2017 година да биде поголем за 25 отсто и изнесуваше 1,5 милијарди долари. Секако, ние не мислиме дека тоа е доволно. Денес поставивме нова цел, да достигнеме пет милијарди долари. Ние тоа го можеме, нема причина да не го постигнеме тоа“, порача Ердоган.
Тој потсети дека во Узбекистан пристигна со голема делегација турски бизнисмени и дека ќе ги засили напорите за зголемување на инвестициите во двете земји.
Во таа пригода се осврна и на глобалните прашања, војните и тероризмот.
„Сведоци сме на грдото лице на војната и тероризмот во многу делови на светот. За жал, Турција, а и Узбекистан се земји кои трпат најмногу последици од нестабилноста во нивното опкружување“, рече Ердоган, кој нагласи дека тие сакаат во Сирија, Ирак, Јемен, Авганистан, Сомалија и другите земји, што поскоро да биде воспоставен мир, и дека се подготвени да соработуваат со Узбекистан за ова прашање.
Тој истакна дека Турција е подготвена да пружи секаков вид помош за напорите за јакнење на соработката меѓу братските земји од Централна Азија