Балкан

Заев и Марковиќ ја повикаа ЕУ што поскоро да заврши со внатрешната консолидација

Премиерот Заев се заблагодари на Црна Гора што е прва од НАТО-членките која го ратификуваше Протоколот за пристапување и додаде дека се надева дека Северна Македонија во текот на наредната година ќе стане полноправна членка на НАТО

AA  | 30.11.2019 - Обновена : 02.12.2019
Заев и Марковиќ ја повикаа ЕУ што поскоро да заврши со внатрешната консолидација (Фото: Прес служба на Влада на Северна Македонија)

ПОДГОРИЦА (AA) - Премиерите на Северна Македонија и Црна Гора, Зоран Заев и Душко Марковиќ, изјавија дека Европската Унија (ЕУ) треба што поскоро да заврши со внатрешната консолидација за да продолжи процесот на интеграција на Западен Балкан, јавува Агенција Анадолија (АА).

Премиерот Заев се заблагодари на Црна Гора што е прва од НАТО-членките која го ратификуваше Протоколот за пристапување и додаде дека се надева дека Северна Македонија во текот на наредната година ќе стане полноправна членка на НАТО.

Како што е соопштено, премиерите се согласија дека регионалната соработка е исклучително важна и дека и понатаму треба да се зајакнува.

Двајцата премиери на состанокот во Подгорица порачаа дека европските интеграции за Северна Македонија и Црна Гора немаат алтернатива.

„Истакнато е заедничкото очекување дека процесот на внатрешна консолидација на ЕУ и разгледувањето на нови модалитети на процесот на преговорите ќе се одвива што поскоро, за Западен Балкан да може подинамично да напредува на патот кон Унијата“, рече Марковиќ.

Црногорскиот премиер, како што се наведува во соопштението на Владата, рече дека Црна Гора останува посветена на реформите без оглед на процесите во Унијата. Премиерите на Северна Македонија и Црна Гора оценија дека двете држави имаат одлични билатерални односи.

„Нашите билатерални односи се фанстастични, немаме отворени прашања, туку само потреба да работиме заедно за доброто на нашите држави и целиот регион“, рече Марковиќ.

Марковиќ ја истакна полната поддршка на Црна Гора за полноправно членство на Северна Македонија во НАТО.

Тој нагласи и дека Црна Гора е подготвена на секој начин да ѝ помогне на Северна Македонија во подготвувањето и споделувањето на искуствата како најмала членка на Алијансата досега.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.