ЗАГРЕБ / БЕЛГРАД / САРАЕВО / ПОДГОРИЦА / НОВИ САД (АА) - Секој град во светот има свој симбол, место по коешто луѓето низ светот го знаат, па така и градовите во регионот. Без разлика дали тоа е Башчаршија во Сараево, Калемегдан во Белград, шеталиштето покрај Морача во Подгорица, Каменита врата и Горњи Град во Загреб или Петроварадинската тврдина во Нови Сад. Сите овие места се овековечени во бројни фотографии кои ги чуваат спомените како на жителите на овие градови, така и на нивните намерни или случајни посетители.
Стариот дел на Загреб изобилува со културни споменици, атрактивни локации и прекрасни видиковци што ги привлекуваат не само туристите, туку и жителите на Загреб кога сакаат да прошетаат и да се одморат од градскиот метеж, пишува Агенција Анадолија (АА).

Едно од тие места е Бунарот на животот, дело на скулпторот Иван Мештровиќ, што се наоѓа помеѓу зградите на Универзитетот во Загреб и Хрватскиот народен театар, чија необарокна фасада има импресивна орнаментика и скулптура. Во Доњи Град е и централниот Плоштад на бан Јосип Јелачиќ, именуван по истоимениот споменик, дело на скулпторот Антон Доминик Фернкорн, што го прикажува банот Јелачиќ со извлечен меч додека јава на коњот по име Емир, што на хрватскиот бан му го подарил Махмуд-бег Башиќ од Бихаќ.
- Горњи град и видиковецот во Загреб -
Од главниот плоштад, патот низ скалите води до стариот градски пазар Долац, а на врвот од скалите се наоѓа споменикот „Кумица“.
Од Долац се наѕира Загрепската катедрала, која се наоѓа во сите водичи и на сите фотографии што ги прикажуваат најважните знаменитости на Загреб, иако по земјотресот нејзината внатрешност е затворена за јавноста, а врвовите на кулите се отстранети и заменети со метални крстови.
Горњи Град, сепак, е најубавото место за прошетка и поглед на Загреб. Клучното место е на врвот на скалите што водат до Горњи Град, веднаш до жичницата на ЗЕТ, од каде погледот достига сè до најјужните делови на градот преку Сава. Многу млади парови и туристи сакаат да поминуваат време на ова место, особено во сончевите денови.
За поглед од уште поголема височина, можно е да се посети отворениот покрив на врвот на кулата „Лотршчак“, што се наоѓа веднаш до овој видиковец, а по пат може да се види и топот што пука секој ден напладне.
- Дунав и Петроварадинската тврдина -
Без оглед дали се доаѓа до Нови Сад по копно или по Дунав, Петроварадинската тврдина и улиците во строгиот центар на градот се места што туристите сакаат да ги посетат и да се фотографираат.
Петроварадинската тврдина е старо некогашно воено упориште, а денес културно-историски споменик со одличен поглед на Нови Сад. Платото пред „пијаниот часовник“, таканаречен затоа што големата стрелка ги покажува часовите, а малата минутите, уметничките ателјеа на Петроварадинската тврдина се места кои се на туристичката рута. Оградата на платото на часовникот за многумина служеше како место на заветување на вечна љубов, бидејќи е украсена со бројни катанци со запишани иницијали на заљубените.

Центарот, пешачката зона на Нови Сад, каде најмногу е зачуван стариот изглед од средината на 18 век, е омиленото место за посета и фотографирање на туристите. Плоштадот на слободата е собиралиште на шетачите, но и на други собири што се одржуваат во овој град, а тука се наоѓа и Градското собрание и парохиската црква „Име Мариино“.
- Убавините на Морача -
Шеталиштето покрај реката Морача, кое е направено непосредно пред крајот на минатата година, е омиленото место за фотографирање на жителите на Подгорица, но и на многу туристи.

Новоотвореното шеталиште стана многу популарно, бидејќи нуди добар поглед во правец на трите моста во Подгорица, но исто така може да се видат и други знаменитости на градот.
- Каде што се спојуваат Сава и Дунав -
Најголемиот град во регионот, Белград, изобилува со места кои го симболизираат и се наоѓаат на бројни фотографии на посетителите. Едно од нив е тврдината Калемегдан во чии рамки е и видиковецот со поглед на градот и бајковитото устие на реките Сава и Дунав.
Земунскиот кеј е омиленото шеталиште и место што го посетуваат и фотографираат многу туристи. Во Земун доминира кулата Гардош, што ја изградиле унгарските власти во 1896 година за прославување на илјадагодишнината од доселувањето на Унгарците во Панонија. Од видиковецот на кулата се пружа величествен поглед на Белград и Дунав.

Еден од централните плоштади во Белград, Славија, познат по кружниот тек и сообраќајниот метеж, исто така е омилено место за фотографирање, а недалеку се наоѓа и бело-црвеното име на главниот град на Србија со кирилични букви, каде што се фотографираат посетителите.
Оаза во строгиот центар на Белград е Ботаничката градина, место каде што доаѓаат многу луѓе да се релаксираат, читаат, но и фотографираат. Тоа е особено популарно место за фотографирање на живописната Јапонска градина.
- Башчаршија -
Во срцето на стариот дел на Сараево се наоѓа Башчаршија со себиљот што доминира во централниот дел на плоштадот во Башчаршија. Убавината на Башчаршија и себиљот е опеана во многу песни, а се место и за средби на сараевчани, случајните минувачи низ градот, како и на туристите. Башчаршијата и нејзините „најверни“ жители, гулабите, отсекогаш биле симбол на градот и неизбежно место за фотографирање во сите годишни времиња.

Недалеку од Башчаршија се наоѓа Градското собрание на Сараево, една од најубавите и најрепрезентативните градби од австроунгарскиот период. Сместено покрај реката Миљацка, секогаш облеано во сонце и живи бои, Градското собрание доминира од источниот влез на главниот град на Босна и Херцеговина. Спроти, левиот и десниот брег на Миљацка ги поврзува познатиот мост „Шехер-ќехај“ од 16 век, првиот мост со кој се поврзани бреговите на Миљацка за време на османлиското владеење. Поради белината на каменот од кој е изграден и поради убавината на Градското собрание во позадина, мостот најчесто го посетуваат младенците, но и туристите заради фотографирање.