Ekipa
30 Август 2018•Ажурирај: 31 Август 2018
АНКАРА (АА) - Министерот за одбрана на Република Турција, Хулуси Акар, порача дека неговата земја е единствената која гради в гради се бореше против терористичката организација ДЕАШ, и неутрализираше околу 3.000 најрадикални терористи на ДЕАШ, јавува Anadolu Agency (AA).
Акар зборуваше на церемонијата во Анкара организирана по повод доделувањето на чиновите на унапредените турски офицери. На церемонијата присуствуваше и началникот на Генералштабот на Турција, генералот Јашар Ѓулер.

Во обраќањето на церемонијата Акар истакна дека Вооружените сили на Република Турција продолжуваат рамо до рамо да работат на зачувување на националното единство и заедништво, и дека главна цел се мирот и безбедноста на сите 80 милиони жители на Турција.
Акар понатаму наведе дека борбата против тероризмот, секако, продолжува да биде еден од главните приоритети на турската Војска.
„Оваа борба нема да престане сè додека не биде неутрализиран и последниот терорист“, рече Акар, и нагласи дека борбата против терористите во наредниот период ќе биде поинтензивна.
„Ние сме единствената земја која на копно дојде лице в лице со ДЕАШ. Другите оваа борба ја водеа од воздух или на друг начин. Нашата војска, борејќи се гради в гради, неутрализираше околу 3.000 најрадикални припадници на терористичката организација ДЕАШ“, порача Акар.
Турскиот министер нагласи дека Мапата на патот за сириски Мунбич напредува.
„Мапата на патот за Мунбич иако споро, сепак напредува. Ние постојано ги потсетуваме нашите колеги за потребата од повлекување на ЈПГ/ПКК од регионот“.
Договорот за Мунбич помеѓу Турција и Соединетите Американски Држави (САД) се фокусира на повлекувањето на ПКК/ЈПГ од градот со цел стабилизација на регионот.
Во врска со ситуацијата во Идлиб, Акар изјави: „Турција се стреми кон обезбедување безбедност, спречување напади, пружање помош на речиси 3,5-4 милиони лица во Идлиб, без прекршување на прекинот на огнот“.
Лоциран во близина на турската граница, Идлиб во мај беше назначен за зона без судири, каде што актите на агресија се забранети, како дел од тековниот процес во Астана.
Сепак, во изминативе два месеца зоната без судири на Идлиб беше цел на особено жестоки воздушни напади од страна на руските сили и режимот на Асад.
- „На сириските бегалци да им се овозможи безбедно враќање дома“
По завршувањето на церемонијата на доделување чинови на унапредените турски офицери, министерот за одбрана Акар одговараше на прашањата на новинарите. Тој истакна дека се преземаат сите чекори за воспоставување целосна безбедност и стабилност во северниот дел на Сирија.
Акар информираше дека утринава телефонски разговарал со својот руски колега Шојгу, а меѓу другото, двајцата министри зборувале и за развојот на настаните во Сирија, поконкретно а ситуацијата во градот Идлиб.
Министерот Акар нагласи дека со руската страна се разменети мислења, како и дека ќе се продолжи со вложувањето напори за мирот и благосостојбата да бидат присутни во Идлиб и поширокото подрачје.
Според неговите зборови, целта е жителите од регионот да живеат во мир, до споменатите подрачја непречено да се доставува хуманитарна помош, како и спречување на нов бран бегалци.
„Реализиравме еден конструктивен и позитивен разговор. Ги разбравме мислењата за бројни теми, вклучително и за Идлиб“, рече министерот Акар додавајќи: „Нашата цел е навремено и во целост да го имплементираме она што е утврдено со процесот во Астана. Сакаме населението мирно да се врати во своите домови“.