Sarp Özer
28 Септември 2022•Ажурирај: 29 Септември 2022
АНКАРА (АА) ‒ Турскиот министер за национална одбрана, Хулуси Акар, остро го осуди неодамнешниот терористички напад врз полициската станица во јужната турска област Мерсин, велејќи дека тој нема да остане без одговор, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Имаме информации дека предавничките терористи и подлеци кои не можеа да се спротивстават на турските војници во северен Ирак и Сирија, ги организираа овие напади во Сирија“, рече Акар на настанот за Денот на ветераните во главниот град Анкара.
„Кога ќе дојде времето, ќе бидат преземени неопходни активности за уништување на инфраструктурата на оние кои ги извршија овие напади“, рече Акар.
Турскиот министер за внатрешни работи, Сулејман Сојлу, вчера потврди дека еден полицаец е убиен, а друг е повреден во терористички напад на полициска станица во Мерсин.
Терористите, кои беа ранети во престрелката, се самоубија активирајќи експлозив сокриен во нивните ранци откако забележале дека не можат да избегаат.
Сојлу рече дека тие биле членови на терористичката организација ПКК.
Во врска со неодамнешните провокации на Грција против Туркије во Егејското Море, Акар рече: „Го дадовме потребниот одговор на сите видови нефер и незаконски ставови и дејствија на Грција, на терен и на маса, во согласност со принципот на реципроцитет, и треба да се знае дека тоа ќе го правиме и во иднина.“
Акар го повтори повикот на Туркије до Грција да ги реши неодамнешните проблеми меѓу двете земји по мирен пат во согласност со меѓународното право, како дел од добрососедските односи и меѓусебниот дијалог.
Осврнувајќи се на Договорот за извоз на жито од Истанбул, Акар рече: „Туркије спроведе активна дипломатија под водство на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган соочена со ризикот од енергетската и прехранбената криза што произлезе од неодамнешниот конфликт меѓу Русија и Украина.“
Акар го опиша јулскиот договор потпишан во Истанбул како „едно од најголемите достигнувања на ОН“ во последниве години.
„Откако првиот брод ја напушти Украина според договорот на 1 август, повеќе од 200 брода со над 5 милиони тони земјоделски производи ги напуштија пристаништата“, рече тој.
Туркије, ОН, Русија и Украина потпишаа договор во Истанбул на 22 јули за повторно започнување на извозот на жито од три украински пристаништа на Црното Море, кој беше прекинат по почетокот на Руско-украинската војна во февруари.
Во Истанбул беше формиран Заеднички координативен центар со официјални претставници од трите земји и ОН за да ги надгледува пратките.