Tuba Şahin
19 Ноември 2020•Ажурирај: 21 Ноември 2020
АНКАРА (АА) - „Туркиш карго“ со седиште во Истанбул, подружница на националниот авиопревозник „Туркиш ерлајнс“ (Turkish Airlines), ги пренесе во Бразил вакцините против Ковид-19, произведени во Кина, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Вакцините, сместени во седум контејнери опремени со наменски системи за ладење, беа безбедно пренесени од Пекинг до Сао Паоло со поврзувачки лет во Истанбул“, истакна компанијата во денешното соопштение.
Пренесувајќи фармацевтски производи до клучните и сертифицирани дестинации како Мумбаи, Брисел, Истанбул, Сингапур, Дубаи, Базел, Лондон и Амстердам, „Туркиш карго“ создаде глобален фармацевтски коридор меѓу над 400 дестинации.
Авиопревозникот го поседува сертификатот на Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт (IATA) за независни валидатори.
„Туркиш карго“ го одржува интерконтиненталниот „ладен ланец“ при оптимални услови благодарение на производот на „ТК Фарма“, создаден за пренесување на фармацевтски производи согласно глобалните стандарди.
Компанијата има пренесено над 40.000 тони фармацевтски производи, медицински производи и медицинска опрема во периодот од јануари до септември и пријави над 50 отсто раст на фармацевтските пратки во истиот период.
Главниот директор за карго превозот на „Туркиш ерлајнс“, Турхан Озен, истакна дека компанијата нуди индустриски решенија како што се наменски складишта со контролирана температура (-20/25 степени), тимови за фармацевтските производи, активни контејнери и термички носачи за одржување на интерконтиненталниот „ладен ланец“.
„Благодарение на нашите специјални карго пратки, за кои ги поседуваме сите светски квалификации и сертификати, подготвени сме да ги транспортираме вакцините што се подготвени или се развиваат насекаде низ светот“, рече тој.
„Туркиш карго“ лета кон над 300 дестинации, од кои 95 се директни карго дестинации, со флота од 365 авиони.
Компанијата има за цел да биде еден од најдобрите пет бренда во карго превозот во 2023 година.