Barış Gündoğan
26 Септември 2017•Ажурирај: 26 Септември 2017
АНКАРА (АА) - Ибрахим Калин, портпаролот на кабинетот на претседателот на Република Турција, порача дека фактот што Израел е земја што единствено го поддржа одржувањето на референдумот во Регионалната курдска управа во северен Ирак, треба да ги загрижи Курдите, а не да ги радува, јавува Anadolu Agency (AA).
Во статија за весникот „Daily Sabah“ (Дејли сабах), Калин се осврна на вчера одржаниот неуставен референдум во Регионалната курдска управа во северен Ирак.
Тој нагласи дека одлуката на Курдската управа за распишување референдум предизвикала голема регионална и глобална криза пред самиот референдум, и оти таа во наредниот период би можела да донесе и поголеми „потреси“.
Калин смета дека ирачките Курди со овој чекор го доведоа во опасност она што со години го градеа и го собираа, и оти влегле во ризик од изолација.
„Дали Ербил организираше референдум за да се осамостои или по овој пат настојуваше да ја зајакне својата рака наспроти централната ирачка влада, во овој момент не е важно. Одлуката за референдумот ќе има сериозни последици, и тие ќе се почувствуваат на различни нивоа“, истакна Калин.
Тој потсети дека по состанокот на турскиот Совет за национална безбедност за референдумот, порачано е дека тој е нелегитимен и неприфатлив, и оти администрацијата на САД, исто така, го окарактеризирала референдумот за провокативен и дестабилизирачки чекор.Калин понатаму наведе дека ниту една земја не сака поделби на подрачјето на Ирак, и додаде:
„Единствен исклучок за тоа е Израел. Премиерот Бенјамин Нетанјаху отворено го поддржа формирањето на независна курдска држава. Ако ја земеме предвид моменталната состојба во регионот, се очекува ваквиот сомнителен став попрво да ги загрижи Курдите отколку да ги израдува“, предупреди Калин.
Осврнувајќи се и на фактот што Владата на Ирак презеде одредени мерки во врска со референдумот, Калин порача дека и Турција исто така работи на тоа.
Тој изјави дека идејата секоја етничка група да може да има својата држава е опасна, и е идеја за којашто може да се дискутира, а исто така порача дека би можело да оди до бескрај.
„Според таа логика, на секои десет луѓе во Европа, САД, Африка, Азија може да се формира држава“, порача Калин, и додаде дека легитимната загриженост на ирачките Курди би требало да биде во рамките на ирачкиот територијален интегритет и политички суверенитет.
Калин наведе дека поделбата на Ирак претставува опасен пример во регионот, кој веќе е соочен со сериозни безбедносни закани, и оти референдумот којшто е спротивен на Уставот на Ирак, нема да го поддржи ниту една земја.
„Турција и во најтешки услови беше со ирачките Курди, во политичка и економска смисла. Курдските лидери во Ербил ги доведуваат во опасност политичките и економските интереси на својот народ, така што ги користат за поделба на Ирак и за оддалечување од најблискиот партнер на Турција“, предупреди Калин.
На крајот, тој истакна дека референдумот, освен што е неуставен и проблематичен, особено претставува проблем во контекст на градот Киркук, кој исто така беше опфатен со референдумот, а тој не спаѓа под Регионалната курдска управа, во кој во мнозинство живеат Арапи и Туркмени.