Ekipa
26 Септември 2017•Ажурирај: 27 Септември 2017
АНКАРА (АА) - Турскиот министер за ЕУ, Омер Челик, изјави дека одлуката на ЕУ за замрзнување или суспензија на преговорите, Турција би ја сметала за официјален прекин на преговорите со официјален Брисел, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Да се каже дека ЕУ со толку голема и стратешка држава и сила како Турција едноставно ќе ги замрзне или ќе ги суспендира односите, не е детска игра. Ова првпат го велам, Турција ставот за замрзнување на односите ќе го смета за прекин на преговорите“, изјави ресорниот турски министер Челик во интервју за телевизијата „A Haber“ (А хабер).
Осврнувајќи се и на вчера одржаниот контроверзен референдум за независност на Курдската регионална управа во северниот дел на Ирак, Челик изјави дека тоа не може да донесе ништо добро, туку претставува удар на идејата за соживот со народот во Ирак и во регионот.
Челик истакна дека Ирак веќе е средиште на длабока политичка и безбедносна криза, и оти одлуката за одржување на неуставниот референдум дополнително ќе ја продлабочи кризата.
„Претседателот на Курдската регионална управа, Месуд Барзани, со одлуката за референдумот во северен Ирак и со вклучувањето на Киркук во тој план, предложи Курдите, Туркмените, Арапите и другите заедници во Ирак да се воведат во ново крвопролевање“, предупреди Челик.