Ahmet Furkan Mercan
15 Јули 2021•Ажурирај: 16 Јули 2021
ТОКИО
Јапонскиот премиер Суга Јошихиде и претседателот на Меѓународниот олимписки комитет (МОК), Томас Бах, истакнаа дека веруваат дека Олимписките игри во Токио ќе се одржат успешно, и покрај епидемијата на Ковид-19, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Премиерот Суга го прими претседателот на МОК, Бах, кој е во Јапонија по повод церемонијата на отворање на Игрите во Токио што ќе се одржи следната недела.
Јапонскиот премиер истакна дека успешната организација на турнирот ќе ја зајакне глобалната солидарност.
„Нашата голема борба против Ковид-19 продолжува. Најважно е да испратиме силна порака на солидарност и да пренесеме дека со мудрост и напор ќе ја надминеме оваа криза“, рече Суга.
Истакнувајќи дека верува дека МОК ќе вложи максимални напори да ги исполни епидемиските мерки преземени во рамките на Игрите, Суга додаде: „Олимпијадата ги носи соништата на младите генерации кои ќе ја водат нашата иднина.“
Претседателот на МОК, Бах, истакнувајќи дека стотици милиони луѓе од многу земји во светот ќе го следат овој турнир, рече дека сите што ќе ја следат Олимпијадата ќе ја забележат успешната организација од страна на Јапонија, и покрај епидемијата.