Ekipa
12 Јули 2016•Ажурирај: 13 Јули 2016
РИО ДЕ ЖАНЕИРО (АА) - Главниот координатор на Меѓународниот олимписки комитет (МОК) Навал Ел Mутавакел изјави дека бразилскиот град Рио де Жанеиро е подготвен за одржување на Oлимписките и Параолимписките игри, јавува Anadolu Agency (AA).
Координаторката Mутавакел е во последна посета на Рио де Жанеиро пред почетокот на Олимписките игри, а во оваа пригода ги посети повеќето спортски комплекси и оцени дека подготовките за почетокот на Олимписките игри се речиси готови.
„Рио е подготвен да му посака добредојде на целиот свет“, рече Mутавакел по средбата со државните и со градските власти.
Високиот официјален претставник на Меѓународниот олимписки комитет изјави дека речиси сите спортски комплекси се подготвени за Олимписките игри, вклучувајќи ги и стадионот Маракана и плажата Копакабана, за кои изјави дека се најспектакуларните места за спортски натпревари.
И градоначалникот на Рио де Жанеиро, Едуардо Paес, изјави дека очекува спектакл и додаде дека е оптимист дека сè ќе биде во совршен ред кога спортистите ќе почнат да пристигнуваат во Олимпиското село.
И покрај сите проблеми, вклучувајќи го и вирусот зика, одложувања во градењето на спортските објекти и политичката и економската криза во Бразил, претставниците од МОК и од Организацискиот комитет на претстојните Олимписки игри се оптимисти и ја уверуваат јавноста дека се преземени сите мерки за игрите да поминат во најдобар ред.
Paес изјави дека метрото ќе биде пуштено во употреба на 1 август, четири дена пред церемонијата на отворањето на Олимписките игри.