Hüseyin Burak Demirer
07 Септември 2021•Ажурирај: 08 Септември 2021
АНКАРА
Новак Ѓоковиќ, првиот носител во машка конкуренција, и Каролина Плишкова, четвртата носителка, се пласираа во четвртфиналето на грен слем тенискиот турнир УС Опен, известува Агенција Анадолија (АА).
Завршени се натпреварите од 8-миот ден од последниот грен слем турнир сезонава, што се одржа во Њујорк.
Новак Ѓоковиќ, кој е трократен победник на УС Опен во машка конкуренција, со 6:1 го загуби првиот сет од Џенсон Бруксби, 99-тиот рангиран на светската АТП-листа, но убедливо ги доби следните 3 сета (6:3, 6:2 и 6:2), извојувајќи победа од 3:1 и избори пласман во четвртфиналето.
Матео Беретини, 6. носител на турнирот, е противник на Ѓоковиќ во четвртфиналето, откако во осминафиналето го елиминираше Оскар Оте со резултат 3:1 (6:4, 3:6, 6:3, 6:2). Беретини годинава загуби од Ѓоковиќ во финалето на Вимблдон со резултат 3:1 (по сетови 6:7 (4:7 во тај-брејк), 6:4, 6:4, 6:3).
- Елиминирана Андреску, победничката на УС Опен од 2019 година
Во женска конкуренција, Каролина Плишкова, четвртата носителка на турнирот, финалистката од 2016 година, со резултат 2:0 (7:5, 6:4 по сетови) ја победи Анастасија Павличенкова, финалистката на овогодинешното Отворено првенство на Франција, и се пласираше меѓу 8-те најдобри тенисерки на УС Опен.
Марија Сакари, која го привлече вниманието играјќи во полуфиналето на Ролан Гарос - Отвореното тениско првенство на Франција, со резултат 2:1 (6:7, 7:6, 6:3 по сетови) ја совлада Бјанка Андреску, победничката на УС Опен од 2019 година, и во четвртфиналето ќе игра против Плишкова.