Ahmet Furkan Mercan
08 Септември 2021•Ажурирај: 09 Септември 2021
ТОКИО
Според веста што ја објави агенцијата „Кјодо“, заснована на извори од Јапонската фудбалска федерација (JFA), Јапонија донела нова одлука во врска со Меѓународниот турнир во фудбал, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според тоа, JФА се откажала од правото да биде домаќин на Светското клупско првенство во фудбал 2021 година, што е закажано за декември 2021 година, поради воведените ограничувања за Ковид-19 на публиката на стадионите и можната ниска профитна маржа.
Јапонската фудбалска федерација во својата нова одлука ја зела предвид зголемената стапка на случаи на Ковид-19 и тековните ограничувања на капацитетот на гледачите поради епидемијата, што негативно ќе влијаат на профитната маржа што треба да му припадне од турнирот.
Високиот претставник на JФA, зборувајќи за „Кјодо“, изјавил: „Разните спортови, меѓу кои и фудбалот, нема да можат да се заштитат себеси, доколку не изнајдеме начин натпреварите да коегзистираат со вирусот.“
Ограничувањата воведени поради епидемијата, ги намалија приходите на JФA во 2020 година за 5 милијарди јени (38,3 милиони евра), додека, за споредба, во 2019 година приходите на JФA изнесуваа 15 милијарди јени (115 милиони евра).
Во декември 2020 година, ФИФА објави дека Светското клупско првенство во фудбал, кое претходно беше планирано да се одржи во Кина, ќе се одржи во декември 2021 година во Јапонија, поради епидемијата на коронавирусот.