Ekipa
16 Октомври 2021•Ажурирај: 18 Октомври 2021
ДОХА (АА) – Меѓународната фудбалска федерација ФИФА соопшти дека ја потпомогнала евакуацијата на 100 фудбалски играчи и тренери од Авганистан во главниот град на Катар, Доха, јавува Агенција Анадолија (АА).
ФИФА ја поздрави улогата на Катар во координирањето на процесот на евакуација и вети дека ќе продолжи да евакуира други спортисти и спортистки.
„ФИФА може да потврди, следејќи ги комплексните преговори, дека со поддршка на Катар има евакуирано речиси 100 членови од фудбалското семејство од Авганистан, вклучително и спортистки“, наведе ФИФА во соопштението, додавајќи дека таа била во блиска коордација со Владата на Катар од август за евакуирање на групата спортисти, и дека ќе продолжи и во иднина да работи посветено на безбедната евакуација на другите членови од спортското семејство.
Во меѓувреме, заменик-министерот за надворешни работи на Катар, Лолва Алхатер, соопшти дека во авионот се наоѓале и семејствата на играчите.
Талибанците ја презедоа контролата врз Кабул на 15 август откако беше соборена претходната администрација, поддржана од Западот, а нејзините официјални претставници избегаа од земјата зафатена од војна.
Преземањето, пред целосното повлекување на САД, на 31 август, беше шок за целата држава и причина илјадници Авганистанци да избегаат со ограничените американски летови.
Катар е домаќин на Светското првенство 2022 во фудбал и е прва земја од Блискиот Исток која е домаќин на ова натпреварување, што е планирано да се одржи од 21 ноември до 18 декември следната година.