Hüseyin Burak Demirer
17 Октомври 2021•Ажурирај: 18 Октомври 2021
АНКАРА (АА) - Меѓународниот олимписки комитет (МОК) изрази загриженост поради идејата Светското првенство во фудбал да се одржува на секои две години наместо на четири, додавајќи дека тоа би го загрозило развојот на другите спортови, освен фудбалот, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението од МОК се изнесува сериозна резервираност за планот секое лето да се организира светско или континентално фудбалско првенство со приспособување на календарот за натпреварите на ниво на репрезентации.
Се наведува дека за ова прашање треба да се земат совети од луѓето од светот на фудбалот, меѓународните спортски федерации и претставници на спортистите.
„Организирањето на Светското првенство на секои две години ќе предизвика несогласувања со другите големи меѓународни спортски организации. Тоа ќе ја поткопа различноста и развојот на спортовите, освен фудбалот. Зголемувањето на бројот на машките настани ќе предизвика проблеми за промовирање на женскиот фудбал. Поинтензивниот календар ќе стави поголем притисок врз физичкото и менталното здравје на играчите.“
Се очекува федерациите на членките во декември да го изгласаат предлогот за промена на распоредот на меѓународните натпревари во женски и машки фудбал, изнесен од директорот за глобален фудбалски развој во ФИФА, Арсен Венгер.
Светското првенство за мажи се одржува на секои четири години од 1930 година (откажано е во 1942 и 1946 година поради Втората светска војна), а од 1991 година се одржува и за жени.