Emre Aytekin
20 Октомври 2021•Ажурирај: 21 Октомври 2021
ПЕКИНГ (АА) - Факелот за Зимските олимписки игри 2022, запален на церемонијата одржана во Грција, е предаден во Пекинг, главниот град на Кина, каде што ќе се одржи Олимпијадата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Факелот, донесен во Пекинг со авион од Атина, е пречекан со церемонија одржана во Олимписката кула во Пекинг во близина на Националниот стадион наречен „Птичје гнездо“.
Чаи Чи, секретар на Комунистичката партија во Пекинг и претседател на Организацискиот комитет на Олимпијадата 2022 година, со факелот донесен од Атина го запали олимпискиот котел.
Факелот ќе биде изложен во Олимписката кула во наредните денови, а потоа ќе патува низ различни градови во земјата.
Олимпискиот факел ќе кружи во центарот на градот Пекинг, округот Јанчинг и градот Чангјаку во провинцијата Хибеј, каде што ќе се одржуваат натпреварите во периодот од 2 до 4 февруари.
Планирано е факелот од рака на рака да го носат 1.200 луѓе.
Факелот за Зимските олимписки игри 2022 беше запален на церемонија во античкиот град Олимпија, западна Грција.
Вчера факелот на церемонијата на Стадионот „Панатенаик“ во Атина им беше предаден на кинеските спортисти и организатори.
Зимските олимписки игри, на кои Кина ќе биде домаќин за првпат, ќе се одржат во периодот 4 - 20 февруари следната година.
Пекинг претходно беше домаќин на Летните олимписки игри во 2008 година.