Dejan Maksimoviç
01 Јуни 2019•Ажурирај: 02 Јуни 2019
МАДРИД
Фудбалерите на Ливерпул и Тотенхем вечерва на стадионот „Ванда Метрополитано“ ќе се борат за титулата шампион на УЕФА Лига на шампионите. Сигурно е дека Европа ќе добие нов шампион, бидејќи актуелниот првак Реал Мадрид одамна го заврши своето натпреварување во оваа лига. „Редси“ ќе го играат своето 9-то финале во клупската историја и ќе се обидат по шести пат да стигнат до титулата, додека „петлите“ ги чека прво финале, пренесува Anadolu Agency (AA).
Улогата на фаворит во светот на фудбалот ја доби Ливерпул, но тоа не мора ништо да значи. Вистина е дека и во двата овосезонски дуели во Премиер лигата славеа избраниците на Јирген Клоп со идентичен резултат од 2:1. Но Маурисио Почетино и неговите играчи се надеваат дека третиот натпревар ним ќе им донесе среќа.
Она што го радува менаџерот на Тотенхем, но истовремено и му ја компликува ситуацијата е фактот што капитенот Хери Кејн закрепна од повредата на зглобот и е подготвен да игра. Но од друга страна, Почетино е во дилема дали Кејн да го стави во почетната единаесеторка, бидејќи не играл два месеца.
„Секоја одлука е тешка, тоа е толку болно. Но моја е работата да одлучам кој ќе биде во стартните 11-мина. Тоа нема да биде лесна одлука. Ќе се обидеме да донесеме најдобра одлука за да извојуваме победа. Така е секогаш во фудбалот. Тоа е толку болна одлука кога ќе дојдете до ваков натпревар, а можете да изберете само 11 играчи. Тоа е навистина тешка ситуација“, рече Почетино, и додаде:
„Најважно е да се биде подготвен. Кога ве гледаат милијарда луѓе, стресот е поголем од кога било претходно. Играчите мораат да играат слободно, како дете на возраст од 7 или 8 години. Клучно е да не се размислува на сите оние кои ве гледаат, туку кон тоа да работите заедно. Ливерпул е исклучително квалитетен и ќе биде подготвен за борба, но се надевам дека Тотенхем ќе биде во своето најдобро издание.“
Клоп истакна дека денешниот Ливерпул е сосема поинаков од оној тим кој минатата сезона загуби во финалето од Реал Мадрид.
„Во изминатиот период, откако сме заедно, научивме многу. Со многумина од фудбалерите заедно сум веќе три години, со некои една година, но само оваа сезона научивме многу нешта. Во финалето се две екипи кои тоа го заслужија. До тоа дојдоа чекор по чекор. Она што Почетино го стори во Тотенхем е многу импресивно, ми се допаѓа. Натпреварот ќе биде доста интензивен, но навистина му се радувам. Тоа ќе биде вистински натпревар“, нагласи Клоп.
Финалето на УЕФА Лигата на шампиони меѓу Ливерпул и Тотенхем се игра вечер, со почеток во 21:00 часот.