Amina Zorniç
10 Октомври 2016•Ажурирај: 10 Октомври 2016
БЕРН (АА) - Светската фудбалска федерација се соочува со правна постапка во швајцарските судови за наводно соучество во злоупотреба на работниците мигранти во Катар во очи Светското првенство 2022 година, јавува Anadolu Agency (AA).
Оваа информација ја објави денес британскиот весник „Гардијан“, повикувајќи се на иницијаторот на судската постапка, Надим Шарафул Аламо, работник од Бангладеш кој работел во Катар.
ФИФА во 2010 година го избра Катар за домаќин на Светското првенство во 2022 година. Оттогаш, оваа заливска држава започна масовна изградба на стадиони и други објекти за фудбалски натпревари.
Амнести интернешнал (АИ) во неколку наврати ги критикуваше катарските власти за непочитување на правата на странските работници во Катар, чиј број во моментов изнесува 1,7 милиони.
Од ФИФА повеќепати истакнаа дека немаат одговорност за пошироките општествени проблеми во земјите-домаќини на Светскиот куп.
И организацијата „Хјуман рајтс воч” (ХРВ) изрази загриженост во врска со третманот на странските градежни работници во Катар и ја повика земјата да ги измени законите за труд.
Повеќето странски работници во градежната индустрија во Катар доаѓаат од сиромашните земји од Јужна Азија, вклучувајќи ги Индија, Бангладеш и Непал.
Според извештајот на „Хјуман рајтс воч”, голем број од нив доаѓаат по лажните ветувања на компаниите за високи плати и добри услови за работа, а откако ќе почнат со работа, работодавачот им ги одзема пасошите и ги изложува на лоши работни услови.
Само на гигантскиот стадион во изградба, „Калифа Интернационал“ во Доха, дневно работат околу 3.200 работници.
„Законот за труд во Катар наложува дека платите мора да бидат исплатени навреме, и дека сместувањето треба да ги има барем минималните стандарди за живот, меѓутоа, повеќето компании не се придржуваат до овие прописи“, се вели во извештајот на ХРВ.
Според некои анализи, Светското првенство во Катар ќе чини 175 милијарди евра, што е 60 пати повеќе од Светското првенство што се одржа во 2010 година во Јужноафриканската Република.
Инаку, за загрозените права на работниците што работат на стадионите во Катар, „Гардијан“ пишуваше и порано, во 2013 година.