Hamdi Yıldız
19 Јуни 2018•Ажурирај: 19 Јуни 2018
РИЈАД (АА) - Властите на Саудиска Арабија најавуваат започнување на копање канал по должината на целата копнена граница, со што Катар ќе се трансформира во остров во Персискиот Залив, јавува Anadolu Agency (AA).
Советникот на Саудискиот кралски суд, Сауд ал Катани, е првиот саудиски претставник кој уште во средината на април го потврди постоењето на саудискиот план за изолација на Катар преку поморски канал. Тој на социјалната мрежа Фејсбук изјави дека целта на проектот е да се казни Катар поради погрешната политика.
Саудискиот весник „Мека“ во најновиот број ја пренесе најновата изјава на Ал Катани, во која тој најави дека тендерот за проектот за копање на каналот „Селва“ е отворен до понеделник.
Досега за тој проект до саудиските власти се пријавија пет меѓународни компании, а изведувачот ќе биде избран во рок од три месеци по затворањето на тендерот.
Истиот извор известува дека официјален Ријад планира да ископа канал 60 километри по должината на саудиско-катарската граница. Веројатно проектот ќе биде завршен во рок од 12 месеци.
Каналот треба да се ископа еден километар во саудиска територија. На брегот на каналот, во текот на проектот може да се изгради воена база и одлагалиште за нуклеарен отпад.
Саудискиот весник „Сабк“ претходно напиша дека ова е проект во вредност од 2,8 милијарди ријали (околу 750 милиони долари), а дека ќе го реализира конзорциумот составен од девет саудиски инвеститори.
Саудиска Арабија, Египет, Обединетите Арапски Емирати и Бахреин минатата година ги прекинаа врските и го блокираа воздушниот простор и копнената граница со Катар, кој го обвинуваат за поддршка на тероризмот.
Катар ги негира обвиненијата и барањата на другата страна ги смета за удар врз неговиот суверенитет.
Аналитичарите сметаат дека актуелната криза во Заливот може да предизвика долгорочни промени во ставовите и динамиката во Персискиот Залив, па во тој контекст ја споредуваат со кризата во пресрет на Заливската војна во почетокот на 90-тите години од минатиот век.