Fatih Erel
19 Јуни 2018•Ажурирај: 19 Јуни 2018
ЖЕНЕВА (АА) - Бројката на принудно раселената популација во светот се зголеми за 2,9 милиони минатата година, со рекордно високо ниво од 68,5 милиони луѓе принудно раселени како резултат на прогон, судири или насилства, се вели во новиот извештај на ОН, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според извештајот од УНХЦР, Агенцијата за бегалци на ОН проценува дека 16,2 милиони лица биле раселени минатата година.
„На светско ниво има 25,4 милиони бегалци, 40 милиони внатрешно раселени лица и 3,1 милиони баратели на азил“, се вели во извештајот.

Во извештајот се наведува дека значителното ново раселување, што зафаќа милиони луѓе, особено е регистрирано во Демократската Република Конго (ДРК) и Мјанмар, како и постојаното раселување поради кризата во Сирија..
До крајот на 2017 година, околу 3,1 милиони лица чекаа на одлуката за нивните барања за азил.
- Турција е домаќин на најголем број бегалци -
Според извештајот, Турција четврта година по ред е домаќин на најголем број бегалци на светско ниво, чиј број изнесува 3,5 милиони лица, од кои поголемиот дел побегнале од сириската граѓанска војна. Пакистан е на второ место со 1,4 милиони лица, потоа следува Уганда со 1,4 милиони лица и Либан со речиси еден милион.
Повеќе од две третини од бегалците низ светот доаѓаат од само пет земји, Сирија со 6,3 милиони лица, Авганистан 2,6 милиони лица, Јужен Судан 2,4 милиони лица, Мјанмар 1,2 милиони лица и Сомалија 986.400 лица.
Речиси половина од минатогодишната популација бегалци се деца под 18 години.
Минатата година беа пријавени вкупно 173.800 деца без придружба, разделени деца и баратели на азил, а 45.500 деца без придружба и разделени деца барале азил индивидуално.