Mustafa Keleş
12 Јуни 2017•Ажурирај: 13 Јуни 2017
ЊУЈОРК (АА) - Катар постигна договор со адвокатската фирма на поранешниот министер за правда на САД, Џон Ешкрофт, за ангажман на контролата на напорите во борбата против тероризмот, јавува Anadolu Agency (AA).
Група арапски земји, предводени од Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), Египет, заедно со претседателот на САД, Доналд Трамп, го обвинија Катар дека „го поддржува тероризмот, што оваа земја го смета за неосновано.
Согласно тоа, постигнат е договор со адвокатската фирма на Џон Ешкрофт, кој беше американски министер за правда во времето додека на власт беше Џорџ В. Буш, односно од 2001 до 2005 година.
Како што соопшти компанијата, Катар за ангажманот во период од 90 дена ќе плати 2,5 милиони ам. долари.
Компанијата ќе изврши увид и ќе ги регистрира напорите на Катар, кога станува збор за спречување на финансирањето на тероризам и перењето пари.
Во исто време, компанијата ќе го советува Катар за зајакнување на одредени точки, а се очекува да се обезбедат и услуги на лобирање во медиумите и во американските политички организации.
Во соопштението на компанијата се вели дека Катар е сигурен оти контролата ќе укаже на мерките што се преземени против финансирањето на тероризмот и перењето пари.
Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Бахреин, Египет и Јемен на 5, јуни соопштија дека ги прекинуваат сите дипломатски односи со Катар, земја којашто ја обвинуваат за дестабилизација на регионот.
Бахреин, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати го затворија воздушниот простор за Катар и издадоа наредба државјаните на оваа земја да ги напуштат нивните територии во рок од 48 часа.
Покрај тоа, Саудиска Арабија ја затвори и копнената граница со Катар.