Yunus Kaymaz
19 Ноември 2022•Ажурирај: 21 Ноември 2022
ДОХА (АА) - Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, го обвини Западот дека е лицемерен со интензивните критики упатени кон Катар, кој е домаќин на Светското првенство 2022, известува Агенција Анадолија (АА).
На прес-конференција во медиумскиот центар во Доха, главниот град на Катар, Инфантино тврдеше дека Катар ќе го организира најдоброто СП во историјата на турнирите.
Одговарајќи остро на критиките упатени кон земјата домаќин дека наводно ги игнорирала човековите права за време на подготовките за Светското првенство, Инфантино рече: „Јас сум Европеец. За она што го правевме 3.000 години низ светот, пред да дадеме час по морал, прво би требало да се извиниме. Доколку Европа навистина се грижи за судбината на овие луѓе, таа би можела да создаде правни патишта со чија помош некои од овие работници би дошле да работат во Европа. Би можела да им даде малку надеж и иднина.“

Нагласувајќи дека за реформи и промени е потребно време, Инфантино продолжи со зборовите: „Потребно е да инвестираме за да им се помогне на овие луѓе, тие да се едуцираат и да им се даде подобра иднина. Сите мора да се едуцираме. Ваквата еднострана морална лекција претставува лицемерие. Се прашувам зошто никој не го забележал напредокот од 2016 година досега.“
- „Се измачувам обидувајќи се да ја разберам критиката“
Нагласувајќи дека тој го брани фудбалот, а не Катар, Инфантино рече: „Се измачувам обидувајќи се да ја разберам критиката. Катар постигна напредок. Се разбира дека јас не сум Катарец, Арапин, Африканец, геј, инвалид или работник мигрант, но се чувствувам како нив, затоа што знам како е да се биде дискриминиран и малтретиран во странска земја.“
Споделувајќи ја информацијата дека секој работник кој доживеал незгода при работа добил законско обештетување, Инфантино рече дека фондот на ФИФА за Катар 2022 ќе биде префрлен во образованието и истакна дека е потпишан договор за помош на 25 милиони деца и жени во Индија.

На прашањето за забраната за продажба на алкохолни пијалаци на и околу стадионите, Инфантино одговори: „Доколку тоа е нашиот најголем проблем со Светското првенство, тогаш веднаш ќе дадам отказ и ќе одам на плажа да се одморам. Секоја одлука донесена на Мундијалот е заедничка одлука на Катар и на ФИФА. Ќе има многу фан-зони во Катар каде што ќе можете да купите алкохол, а фановите ќе можат да консумираат алкохол. Мислам дека ќе преживеете доколку не можете да пиете пиво три часа во денот.“