Associated Press
19 Ноември 2022•Ажурирај: 25 Ноември 2022
ДОХА (АА) - Претседателот на Меѓународната фудбалска асоцијација (ФИФА), Џани Инфантино, го минимизираше значењето на одлуката за забрана на алкохол на стадионите на кои се играат натпреварите од Светското првенство во Катар, известува Агенција Анадолија (АА).
Информацијата за забраната на продажба на алкохол на стадионите на кои се играат натпреварите од Светското првенство во Катар предизвика незадоволство кај странските навивачи.

Инфантино денес изјави дека таквата одлука заеднички ја донеле ФИФА и властите во Катар.
„Се обидовме до крај да видиме дали е возможно тоа, но ако три часа дневно не можете да пиете пиво, ќе преживеете. Можеби постои причина зошто во Франција, Шпанија, Шкотска, алкохолот е забранет на стадионите. Можеби тие се поинтелигентни од нас, иако можеби и ние би требало да го сториме тоа“, рече Инфантино.

Консумирањето алкохол во јавност е забрането во Катар. Алкохолот е достапен само на избрани места, како што се хотелски барови. Организаторите на Мундијалот одлучија дека на навивачите ќе им биде дозволена консумација на алкохол надвор од просторот на стадионот.