Dejan Maksimoviç
10 Февруари 2017•Ажурирај: 11 Февруари 2017
ЦИРИХ (АА) - Аргентинецот Диего Армандо Марадона (56), кои многумина го сметаат за еден од најдобрите фудбалери на сите времиња, ќе стане амбасадор на Светската фудбалска федерација (ФИФА), јавува Anadolu Agency (AA).
ФИФА објави дека Марадона ќе има значителна улога во промоцијата на активностите на ФИФА низ светот, а ќе биде и дел од нејзиниот Тим на легендите. Аргентинецот ќе биде вклучен и во важни развојни проекти.
Оваа вест ја потврди и Марадона преку социјалните мрежи, пишувајќи:
„Сега е официјално. Конечно ќе ми се исполни еден од животните соништа, да работам со чиста и транспарентна ФИФА, со луѓе што го сакаат фудбалот. Им се заблагодарувам на сите што ме охрабруваа да се соочам со овој нов предизвик“.
Марадона беше жесток критичар на Сеп Блатер, поранешниот претседател на ФИФА, кој е суспендиран поради кршење на етичките приниципи. Тој беше скаран и со долгогодишниот претседател на Фудбалскиот сојуз на Аргентина, Хулио Грондона, кој почина во 2014 година.
Во текот на својата фудбалерска кариера, Марадона со репрезентацијата на Аргентина го освои Светското фудбалско првенство во 1986 година, кое се одржа во Мексико.