Hüseyin Burak Demirer
14 Јуни 2019•Ажурирај: 15 Јуни 2019
АНКАРА (АА) - Во финалето на американската Национална кошаркарска лига НБА, Торонто Репторс со резултат 114 : 110 го совлада Голден Стејт Вориорс и со 4 : 2 победи во меѓусебните дуели од финалната серија, успеа за првпат во својата клупска историја да стане шампион на НБА, јавува Anadolu Agency (AA).
Тимот на Голден Стејт Вориорс, кој беше шампион на НБА во последните две години, во шестиот натпревар од финалната серија му гостуваше на Торонто Репторс. Резултатот во финалната серија беше 3 : 2 за екипата на Торонто Репторс.
Првите две четвртини Репторс ги доби со мала предност (33 : 32, 27 : 25) и на полувреме замина со предност 60 : 57.
Во второто полувреме Вориорс ја презедоа играта во свои раце и благодарение на одличната игра на Клеј Томсон, третата четвртина заврши со предност на гостите од 86 : 88.
Томсон од редовите на Вориорс, поради повредата во третиот натпревар од финалната серијата ги имаше пропуштено претходните натпревари. И на оваа средба, на 2 минути и 22 секунди пред завршувањето на третата четвртина, поради повреда на левото колено беше принуден да го напушти натпреварот.
Со погодоците за 3 поени на Фред Ванвлит, Репторс остана во игра и на крајот од натпреварот успеа да извојува победа од 114 : 110, и со 4 : 2 во финалната серија го освои шампионатот на НБА. Репторс, кој е кошаркарски клуб од Канада, успеа за првпат шампионската титула да ја извлече надвор од САД.
Најдобра игра во редовите на Репторс со дабл-дабл покажаа Кајл Лаури со 26 поени, 10 асистенции и 7 скока и Паскал Сајакем со 26 поени, 10 скока и 3 асистенции. Кавај Леонард и Фред Ванвлит постигнаа по 22 поени.
Во редовите на Голден Стејт Вориорс најпрецизни беа Клеј Томсон со 30 поени и 5 скока, Стефан Кари со 21 поен и 7 асистенции, Андре Игодала со 22 поени и Дрејмон Грин со трипл-дабл од 11 поени, 19 скока и 13 асистенции, но сето тоа не беше доволно да се избегне поразот и да се остане во игра за шампионската титула на НБА.
- Леонард по вторпат прогласен за МВП
Кавај Леонард, ол-стар ѕвездата на Репторс, финалето на НБА 2019 го заврши со просек од 28,5 поени, 9,8 скока, 4,2 асистенции и 2 украдени топки, и е избран за најкорисен играч МВП (Most valuable player).
Дваесет и седумгодишниот кошаркар, кој својата прва шампионска титула ја освои со дресот на Сан Антонио Спарс во 2014 година, е третиот кошаркар кој по Карим Абдул Џабар (Милвоки Бакс/Лос Анџелес Лејкерс) и Леброн Џејмс (Мајами Хит/Кливленд Кавалирс) во различни клубови успеал да биде избран за најкорисен играч - МВП.
Леонард во финалните натпревари успеа да постигне 732 поени. Со овој број на постигнати поени, тој стана третиот најпрецизен играч во историјата на финалните натпревари на НБА, по Мајкл Џордан со 759 поени во 1992 година и Леброн Џејмс со 748 поени во 2018 година.