03 Октомври 2019•Ажурирај: 04 Октомври 2019
АЛКМАР (AA) - Оле Гунар Солскјаер, менаџерот на Манчестер јунајтед, во пресрет на вечерашниот дуел на Лигата на Европа против АЗ Алкмар изјави дека ќе играат на еден од најлошите вештачки терени кои ги видел и дека поради тоа нема да ризикува со играчи кои не се потполно здрави, како што е Пол Погба, пренесува Anadolu Agency (AA).
Со оглед на тоа дека стадионот на АЗ Алкмар се реконструира, по падот на кровот на трибината, натпреварот во Лигата на Европа овој холандски клуб ќе го игра на стадионот „Карс џинс“ во Хаг, изграден за потребите на Светското првенство во хокеј на трева 2014 година.
Солскјаер беше непријатно изненаден поради тоа што во Холандија, со оглед на климатските услови кои владеат, е потребна вештачка трева.
„Во ред е кога живеете на Северниот Пол, како што е случајот кај нас во Норвешка. Ова е еден од најлошите терени кои сум ги видел во последно време. Во Норвешка се сите помодерни и понови. Сигурно дека овој терен не е најнов“, изјави Солскјаер и додаде:
„Со Погба не би ризикувал да игра на вештачка трева дури и да е спремен за овој натпревар. Со моите колена не би уживал многу на вештачка подлога, но младите момци ќе бидат во ред.“
Натпреварот од вториот круг на групата Л на Лига на Европа меѓу АЗ Алкмар и Манчестер јунајтед ќе се игра вечерва со почеток во 18:55 часот. По првиот круг Јунајтед е лидер со три бода, по еден бод имаат Алкмар и Партизан, а без бодови е Астана.