Ekipa
07 Декември 2016•Ажурирај: 08 Декември 2016
ХАГ (АА) - Обвинителството на Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија (МКСЈ), побара доживотна затворска казна за генералот Ратко Младиќ, воениот командант на Војската на Република Српска, со забелешка дека би требало да биде осуден за организирано криминално дејство за време на војната во БиХ од 1992 до 1995 година, јавува Anadolu Agency (AA).
Обвинителот Алан Тајгер изјави: „Би било навреда за жртвите, живите и мртвите, и навреда за правдата, да се изрече која било друга казна, освен најтешката според законот: доживотна затворска казна“.
Тајгер ги изнесе завршните зборови на хашкото обвинителство за време на судењето на Младиќ. Со изнесувањето на завршните зборови ќе продолжи одбраната на Младиќ, од 9 до 13 септември, додека одговорите на аргументите на спротивната страна ќе се изнесуваат на 15 декември.
Со ова ќе биде завршено четиригодишното судење на Ратко Младиќ, обвинет за геноцид, воени злосторства и злосторства против човештвото за време на војната во БиХ 1992-1995 година.
Судењето на Младиќ започна во мај 2012 година.
Тој кон крајот на мај 2011 година, по речиси 16-годишно криење и бегство, беше уапсен во Србија и предаден на МКСЈ. За време на неговото прво појавување пред судиите на МКСЈ, тој се изјасни дека не е виновен, па Судскиот совет во негово име внесе дека тој не се чувствува виновен.
Во текот на судењето, обвинувањата и одбраната, испитани се околу 300 сведоци, а во судските записи се регистрирани и голем број писмени сведочења.
Хашкото обвинителство подигна обвинение против Младиќ за геноцид во Сребреница, за прогон на муслиманите и Хрватите низ БиХ, за тероризирање на населението во Сараево за време на опсадата, гранатирање и снајперски истрели и земање на меѓународните војници како заложници, сето тоа во периодот од 1992 до 1995 година.
Според најавите од Хашкиот трибунал, првостепената одлука за предметот Младиќ се очекува да биде донесена во ноември следната година.