Ali Ballı
11 Февруари 2016•Ажурирај: 12 Февруари 2016
МУГЛА (АА) - Во турскиот град Бодрум денес започна судењето на двајцата уапсени Сиријци кои се обвинети за криумчарење на мигранти и свесно предизвикување смрт на повеќе лица, меѓу кои и двегодишниот Ајлан Курди, чие безживотно тело на почетокот на септември беше пронајдено на турскиот брег на Средоземното Море, јавува Anadolu Agency (AA).
Турската полиција утринава во оклопни возила и со зајакнати мерки на безбедност, од затворот ги донесоа обвинетите Сиријци Мувафак Алабаш и Асем Алфхад во Кривичниот суд во Бодрум, каде што започна првото рочиште во процесот кој се води против нив, пред турското правосудство.
Тие се обвинети за криумчарење мигранти и свесно предизвикување смрт на повеќе лица. Обвинителството бара изрекување затворски казни во траење од по 35 години.
Паралелно со тоа, во одвоена постапка се води истрага за вмешаност на уште шест криумчари во организирање трагичен транспорт на мигранти преку Средоземното Море. Станува збор за четворица Сиријци и двајца турски државјани.
Брод со 14 сириски државјани потона во Средоземното Море во обид да стигне до грчките острови. При тоа загинаа пет лица меѓу кои и двегодишниот Ајлан, чие безживотно тело морето го исфрли на плажата во Бодрум, а потресните фотографии се најдоа на насловите на сите светски медиуми и станаа симбол за страдањата на сириските бегалци на патот на надежта кон Европа.