Kerem Kocalar
11 Ноември 2016•Ажурирај: 13 Ноември 2016
ГАЗИАНТЕП (АА) – Детенцето Ајлан, симбол на сириските проблеми со миграциите, го привлече светското внимание откако неговото мртво тело беше пронајдено на брегот од Егејското Море. Ајлан ќе биде тема во документарен филм со исечоци од неговиот живот, јавува Anadolu Agency (AA).
Ајлан Курди, детето кое остана во сеќавањето на милиони луѓе како „гласот на мртвите“, на мигрантите од внатрешната војна во Сирија којашто е причина за смртта на илјадници луѓе, станува тема за документарен филм.
Документарниот филм, кој го прави една група љубители на филмот од Газиантеп, а кој е во фаза на постпродукција, опфаќа делови од краткиот, тригодишен живот на Ајлан Курди. За животот на Ајлан и за ноќта кога тој згасна раскажува неговиот татко, Абдулах Курди.
Продуцентот Фатих Еминоглу во изјава за АА рече дека е во тек подготовката на серија документарци со наслов „Мигранти“.
Тој пренесе дека во следните неколку дена, на телевизискиот канал „ТРТ Аваз“ ќе се емитува серија документарци коишто широко ги опфаќаат патувањата и доживувањата на мигрантите што доаѓаат од Сирија или од други места, во Турција, како и нивниот живот во земјата. Исто така, Еминоглу додаде дека поради тоа што филмот е подготвен на неколку јазици, подоцна ќе биде прикажан и на „ТРТ Курди“ и „ТРТ Ел-Арабија“.
- Драматичната приказна за Ајлан -
Еминоглу истакна дека серијата документарци ја сочинуваат 26 епизоди, од кои првата е за Ајлан.
„Во првиот дел, сакавме темата да биде име што сите го знаат. Поради ова, се сретнавме со таткото на Ајлан, Абдулах Курди. Сите ја знаеме драматичната приказна за Ајлан. Приказната што го потресе светот ја пренесуваме преку очите на таткото на Ајлан. Во интервјуто што го направивме со Абдулах Курди, тој ни го раскажува целиот пат, со сите позитивни и негативни случки“.
За време на снимањето на оваа документарна серија, која ги опишува сите патешествија на мигрантите за време на нивната преселба, како и моментите од престојот во Турција, Еминоглу и неговата екипа доживеале многу емоционални мигови.
Тој нагласи дека детенцето Ајлан ја доловува најгорчливата вистина пред светот во врска со миграциите и додаде оти многу луѓе ќе бидат погодени од оваа приказна.
- Иницијалната каписла е фотографијата на Ајлан -
Режисерот Абдулах Ѓогуш истакна дека кога првпат ја видел фотографијата од мртвото тело на Ајлан, пред очи му дошла сликата на неговото дете и дека ова многу го погодило емоционално, така што вечерта не можел да заспие.
Ѓогуш потсети дека Ајлан е симбол на мигрантите, и нагласи дека бебето со своето премалечко тело на светот му го соопшти овој многу важен проблем.
Тој вели дека благодарение на Ајлан, светот се соочи со совеста. „Имавме можност да се сретнеме со таткото, Абдулах Курди, и да направиме интервју со него. Почувствував товар размислувајќи како да му го покажеме ова на светот. За време на снимањата, и на Абдулах Курди му беше многу тешко. За да ја доловиме атмосферата од кобната ноќ, интервјуто го снимивме на крајбрежјетo на Шиле. Интервјуто траеше 3 – 4 часа. На Абдулах Курди не му беше лесно да зборува. Многупати се растажи и заплака“.
Режисерот Ѓогуш раскажа дека за време на снимањето, Абдулах Курди кажал и мошне важни информации за мајката на Ајлан: „Господин Абдулах неговата сопруга ја опиша како ангел. И покрај тоа што не знаела да плива, мајката на Ајлан по превртувањето на чамецот се обидувала да стигне до своите деца. И покрај ова, водата го проголтала целото семејство. Секако, кога ни го раскажуваше сето ова, беше многу тешко, често не успеваше да си ги задржи солзите. Навистина, Абдулах Курди доживеа тешка трагедија. Господ никому да не му даде таква судбина“.