Zülfiya Yakup
11 Октомври 2016•Ажурирај: 11 Октомври 2016
ПРИШТИНА (АА) - На првото рочиште во Апелациониот суд на Косово, во однос на жалбата на пресудата за Оливер Ивановиќ, лидерот на Граѓанската иницијатива СПД, кој е првостепено осуден на 9 години затвор за воени злосторства против цивилното население, неговата одбрана побара да се поништи пресудата и судскиот процес да се повтори по првата точка од обвинението. Обвинителот, пак, побара првостепената пресуда да се зголеми, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседавачот со советот за распит, Радустин Петров, најпрво соопшти дека Апелациониот суд гo отфрла како неоснованo барањето на одбраната на обвинетиот, oд советот да биде изземен албанскиот судиja Дритон Мухареми, а потоа го прочита својот извештај во кој потсети на текот на судењето во Основниот суд во Митровица, и на првостепената пресуда, а потоа ја претстави личнaта жалба на Оливер Ивановиќ, и жалбата на неговата одбрана, како и жалбата на обвинителот.
Според зборовите на судијата Петров, Оливер Ивановиќ во својата жалба побарал првостепената пресуда да се укине бидејќи е преголема, и барал таа да се намали. Ивановиќ истакнува дека не бил на местото на настанот каде што се убиени цивилите, ниту учествувал во тоа.
Тој истакна дека сведоците имале субјективно мислење, и дека Судот бил пристрасен бидејќи таквите сведочења не ги отфрлил. Судот, според Ивановиќ, не докажал дека тој бил дел од колективниот план на српските сили за депортација на Албанците во Албанија.
„Основниот суд погреши бидејќи Ивановиќ не беше запознат со колективниот план, ниту беше согласен со него. Пресудата не содржи доволно доказен материјал, пресудата не е јасна ниту пак е прецизна“, се наведува во жалбата на Ивановиќ. Исто така, тој смета дека неговите права се повредени со тоа што немал доволно време за одбраната и за жалбата.
Одбраната на Ивановиќ тврди дека не е утврдено присуството на Ивановиќ на местото на настанот, дека сведокот Иса Мустафа не е веродостоен бидејќи постоеле одредени недоследности во неговите изјави, како и дека Основниот суд не ја утврдил правилно веродостојноста на сведокот. Одбраната истакнува дека Оливер не издал наредба за извршување на кривичното дело, туку само го потсетил надлежниот на обврската што ја има.
Од друга страна, обвинителот смета дека жалбата на одбраната треба да се отфрли и да се потврди пресудата дека Ивановиќ е виновен според обвинението. Обвинителот истовремено во својата жалба на првостепената пресуда бара казната да се зголеми, бидејќи Ивановиќ не бил пасивен набљудувач, туку давал одговори, и неговите инструкции биле клучни за извршување на кривичното дело.
„Операцијата за чистење во Митровица е класична операција на чистење од регуларните и нерегуларните сили, и Ивановиќ бил свесен за тој план за убивање и протерување на Албанците“, наведе обвинителот.
Судењето ќе продолжи и утре. Оливер Ивановиќ е во притвор од 27 јануари 2014 година.