Merve Yıldızalp,Aynur Ekiz
11 Февруари 2016•Ажурирај: 12 Февруари 2016
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, изјави денес дека односот на Обединетите нации (ОН) е срамен кога е во прашање бегалската криза и порача дека трпението на Турција има граници, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган говореше на Генералното собрание на Конфедерацијата на млади турски претприемачи (TUGIK) во Анкара и во таа пригода се осврна на последните случувања околу бегалската криза.
„Најголемите предизвикувачи на бегалската криза се нападите врз цивилното население кои ги започна Русија и режимот на Асад. Обединетите нации (ОН), наместо да преземат мерки против оние кои ги изведуваат тие напади, упатуваат повик до нашата земја: ,Отворете ги вратите и примете ги'. Добро ОН, за што служите вие, која е вашата должност?”, праша Ердоган и додаде дека Турција досега за бегалците издвоила десет милијарди долари, додека износот кој го издвои ОН е вкупно 455 милиони долари.
„Тоа е срамно”, порача турскиот претседател Ердоган и продолжи:
„ОН не е организација која е формирана за да кажува ,отворете ги вратите'. Колкав е бројот на бегалци кои ги примија другите земји. Одредени земји примија 100, некои 300, некои 500 или илјада. Извинете, но нам не ни пишува на чело дека сме наивни. Ние имаме трпение до одреден степен, а потоа ќе се направи она што е неопходно”.
Зборувајќи за тоа дека е потребна поддршка кога се во прашање бегалите, Ердоган додаде:
„Ние, чекајќи од вас да испратите парична помош, потрошивме девет милијарди долари. Тоа беше наша должност како домаќини и тоа и го сторивме. Тоа не ни претставуваше проблем, ниту пак ќе претставува во иднина. Ние ќе продолжиме да помагаме, ние едноставно сме такви”.
Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, ги осуди утринските оружени напади во Истанбул изведени со молотови коктели врз редакциите на дневните весници "Yeni Safak" и "Yeni Akit".
„Му благодарам на Бога што никој не настрада. На зградите на дневните весници причинета е значителна материјална штета. Најостро ги осудуваме овие напади”, рече Ердоган.