Eshat Fırat
07 Декември 2016•Ажурирај: 08 Декември 2016
ЕРУСАЛИМ (АА) - Израелскиот Парламент, Кнесет, и денес, третпат по ред, го повлече од дневен ред и го одложи гласањето на претставниците за предлогот на израелската Влада да се забрани употребата на разглас за повикот за молитва (езан) во таа земја, јавува Anadolu Agency (AA).
Претставник на Кнесетот од редот на арапското малцинство, Ахмед Тијби, за АА изјави дека изјаснувањето на претставниците за спорниот предлог на забрана на езанот е одложено за наредната седница.
Тијби изјави дека шефот на претставничкиот клуб на владејачката партија, Ликуд Рувен Ривлин, изјави дека ни денес нема да се гласа за тој предлог. Минатата недела во уште два наврата, предлогот беше повлечен од дневен ред.
„Претпоставувам дека станува збор за одложување на гласањето, дека не се работи за укинување на предлогот како таков“, изјави Тијби.
Предлогот предвидува да се забрани употребата на разглас за повикот за молитва, а израелската Влада како предлагач тврди дека гласните езани ги нарушуваат мирот и тишината, и дека ги вознемируваат луѓето во градот.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ја поддржа инцијативата со образложение дека гласните езани ги вознемируваат луѓето.
Оваа иницијатива на израелската Влада наиде на остри реакции кај Палестинците, но и во голем број други земји, вклучувајќи ја и Турција.