Ekipa
07 Декември 2016•Ажурирај: 08 Декември 2016
ВАШИНГТОН (АА) - Во година на неизвесните претседателски избори во САД, списанието „Тајм“ го прогласи новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп за личност на 2016 година, пренесува Anadolu Agency (AA).
Утринава, во емисијата на „Ен-би-си“, „Денес“, американското списание ја прогласи личноста на годината.
„Да се биде на насловната на ‘Тајм’ како личност на годината е голема чест“, изјави Трамп во интервју по објавувањето на носителот на титулата.
Уредниците на ова списание секоја година избираат лице или лица за кои веруваат дека имале огромно влијание во текот на годината што поминала – во позитивна или во негативна смисла.
„Значи, каква е оваа година: подобра или полоша? Предизвик за Доналд Трамп е колку земјата не се согласува околу одговорот“, напиша главниот и одговорен уредник на „Тајм” , Ненси Гибс, која изјави дека Хилари Клинтон била втора финалистка.
„Тајм“ ја прогласува „Личноста на годината“ од 1927 година. На почетокот се избираше „Човек на годината“, а меѓу лицата што ја добиле оваа титула се и Адолф Хитлер и Махатма Ганди. Минатата година честа ѝ припадна на германската канцеларка, Ангела Меркел.