Melike Gallenkuş,Etem Geylan
27 Декември 2016•Ажурирај: 28 Декември 2016
ИСТАНБУЛ (АА) - Во Истанбул денес започна судењето на 29 поранешни турски полицајци кои ноќта во обидот за државен удар во Турција на 15 јули, одбија да влезат во палатата Хубер за да го заштитат претседателот на државата, Реџеп Таип Ердоган, јавува Anadolu Agency (AA).
Се работи за првиот судски процес за обидот за државен удар кој започна во Истанбул, а денес пред 22. Казнен суд во овој град се изведени 29 поранешни турски полицајци, меѓу кои четворица се бранат од слобода.
Претседавачот со судскиот совет, Фикрет Демир, на рочиштето изјави дека на првите судења, во текот на два дена ќе бидат сослушани излагања на одбрана, а третиот ден ќе бидат сослушани сведоците, по што се планира обвинителството да ги изнесе своите барања.
Адвокатите на неколкуте обвинети лица во овој случај бараа од судскиот совет да ги одвои обвиненијата за нивните клиенти, тврдејќи дека тие не се поврзани со овие обвиненија, а судот го одби барањето.
Кога се во прашање казните за 21 полицаец, кои меѓу останатото, се товарат за насилство, обид за рушење на уставниот поредок на Република Турција и за воспоставување друг поредок, обид за рушење и оневозможување на работа на турскиот Парламент и на Владата на Република Турција, обвинителството бара тројна казна доживотен затвор.
За останатите осуммина полицајци се бара затворска казна од 7,5 и 15 години поединечно, поради членување во вооружената терористичка организација.
Војниците-пучисти лојални на терористичката организација ФЕТО/ПЈД на 15 јули се обидоа да извршат државен удар во Турција, при што загинаа 246 лица, а беа ранети над 1.500. Обидот за државен удар е спречен откако стотици илјади граѓани излегоа на улиците во Истанбул, Анкара и во другите делови на земјата, и храбро, со голи раце застанаа пред тенковите и оклопните возила со кои пучистите се обидоа да ја соборат демократски избраната власт во Турција.