Ekipa
03 Октомври 2019•Ажурирај: 04 Октомври 2019
СКОПЈЕ (АА) - Синоќа се одиграа 8 натпревари од второто коло на УЕФА Лигата на шампиони, пишува Anadolu Agency (AA).
Во најпрестижното фудбалско клупско натпреварување во Европа, УЕФА Лигата на шампиони, синоќа се одиграа преостанатите 8 натпревари од 2. коло во групите Е, Ф, Г и Х.
Актуелниот првак во Лигата на шампионите, екипата на Ливерпул, на домашен терен го пречека тимот на Салцбург. Овој дуел беше исполнет со пресврти. По водството на Ливерпул од 1:0 со погодокот на Садио Мане во 9. минута од натпреварот, следуваа уште погодоците на Енди Робертсон во 25. минута и на Мухамед Салах во 36. минута за убедливо водство на Ливерпул од 3:0. Но Салцбург направи изненадување и со три последователни погодоци остварени преку Хи Чан Хванг во 39. минута, Такуми Минимино во 56. и Ерлинг Халанд во 60. минута го изедначи резултатот на 3:3. За да не дојде до целосен пресврт на натпреварот се погрижи извонредниот египетски интернационалец во редовите на Ливерпул, кој со својот втор погодок во 69. минута ги постави конечните 4:3 и му донесе победа на домаќинот.
Интересен беше дуелот и меѓу Барселона и гостинот Интер Милано. Гостите уште во 2. минута со погодокот на Лаутаро Мартинез успеаја да ја затресат мрежата на Барселона за водство од 0:1. Тоа беше резултат со кој заврши првото полувреме. Во второто полувреме дојде до резултатски пресврт и Барселона со двата погодоци на Луис Суарез во 58. и 84. минута извојува значајна победа.
Резултати од синоќа одиграните натпревари:
Славија Прага - Борусија Дортмунд 0 : 2
Генк - Наполи 0 : 0
Ливерпул - Салцбург 4 : 3
Лил - Челси 1 : 2
Зенит - Бенфика 3 : 1
Валенсија - Ајакс 0 : 3
Барселона - Интер Милан 2 : 1
Лајпциг - Лион 0 : 2