Dejan Maksimoviç
31 Октомври 2017•Ажурирај: 01 Ноември 2017
МАДРИД (АА) - Серхио Рамос, капитен на Реал Мадрид, во екот на политичката криза поради едностраното прогласување независност на Каталонија од Шпанија, зборувајќи за спортот вели дека се надева оти Барселона нема да ја напушти шпанската Ла Лига, јавува Anadolu Agency (AA).
Во петокот, на 27 октомври, пратениците на Собранието на Каталонија со тајно гласање, коешто беше бојкотирано од страна на опозицијата, прогласи независност од Шпанија. Кратко потоа, Сенатот на Шпанија ѝ одобри на владата на премиерот Маријано Рахој да спроведе мерки без преседан според членот 155 од Уставот, кои вклучуваат разрешување на каталонскиот претседател и на неговата влада.
ФК Барселона, како еден од каталонските симболи, за време на кризата постојано ги повикуваше двете страни на разговор и смирување на страстите. Се разбира, оваа сезона позицијата на Барселона во шпанската Ла Лига не е загрозена, но во случај Каталонија навистина да добие целосна независност од Шпанија, можно е „Барса“ да го изгуби своето место во Ла Лига. Но, Рамос се надева дека ова никогаш нема да се случи.
„Би било навистина тешко да се замисли Ла Лига без Барселона. Сакам Барселона да остане во Ла Лига и ништо да не се менува. Сегашната ситуација во Шпанија ме боли, затоа што мислам дека заедно сме посилни. Исто така, ме боли и ваквата слика за Шпанија што се шири во светот. Меѓутоа, повеќе сум загрижен за тоа што нашата национална химна нема текст, отколку за моментната состојба со Каталонија“, рече Рамос за шпанските медиуми.
Реал минатиот викенд доживеа непријатен пораз и тоа токму во Каталонија, каде што изгуби од дебитантот во шпанската елита Џирона, со резултат 1:2. Но, за „кралскиот клуб“ нема одмор, бидејќи веќе в среда го чека гостување кај Тотенхем, во четвртото коло од групата „H“ во Лигата на шампионите.