Zülfiya Yakup
09 Јуни 2018•Ажурирај: 10 Јуни 2018
ПРИШТИНА (AA) – Претседателот на Фудбалскиот сојуз на Косово и легенда на косовскиот фудбал, Фадил Вокри, почина утрово во 57. година од животот, јавува Anadolu Agency (AA).
Веста за смртта на Вокри ја потврди за АА портпаролот на Фудбалскиот сојуз на Косово, Фазил Бериша. Како што пренесуваат локалните медиуми, Вокри почина утрово околу 09.30 часот, додека вежбал фитнес, од последици на срцев удар.
Вокри, по богатата и успешна фудбалска кариера во периодот од 1980 до 1995 година, во 2008 година дојде на чело на Фудбалскиот сојуз на Косово.
Фадил Вокри својата фудбалска кариера на неполни 16 години ја започна во фудбалскиот клуб „Лапи“ од Подуево, а во 1980 година преминува во второлигашот ФК Приштина. Со овој клуб успеа во фудбалската сезона 1982/83 година да се пласира во првата сојузна лига на Југославија и во наредните пет години бележи одлични резултати во првата југословенска лига. На тимот на Партизан, тогашен актуелен првак на Југославија, Вокри му се придружи во 1986 година, каде што останува две години.
По заминувањето во странство, Вокри играше една сезона за францускиот клуб ФК Ним, две години во турскиот Фенербахче и една сезона во францускиот клуб Бурже. Активната играчка кариера ја заврши, исто така во францускиот клуб Монлусон, каде што едно време ја извршуваше должноста директор на клубот. Вокри за Фудбалската репрезентација на Југославија играше во периодот од 1984 до 1987 година.
Одигра вкупно 12 репрезентативни натпревари и постигна шест гола. По напуштањето на активната играчка кариера, Вокри и понатаму остана во фудбалот. По низата функции во разни клубови, Вокри е избран за претседател на Фудбалскиот сојуз на Косово.