Bülent Aslan
08 Јуни 2018•Ажурирај: 10 Јуни 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - Булент Аслан -
Во Москва на 14 јуни, со натпревар помеѓу домаќинот Русија и Саудиска Арабија, ќе започне 21. Светско првенство во фудбал. Пред 88 години, поточно во 1930 година, во Уругвај беше одржан првиот голем планетарен фудбалски натпревар, а неговиот идеален творец беше Французинот Жил Римет. Светското првенство, сè до 1974 година беше организирано токму под неговото име, пишува Anadolu Agency (AA).
По 1974 година, овој натпревар станува познат под називот ФИФА Светско првенство, бидејќи се одржува во организација на Светската фудбалска асоцијација.
Првото СП во фудбал беше организирано во Уругвај, иако многу европски земји беа против тоа, и бараа натпреварот да се одигра на тлото на Стариот Континент. На Светското првенство во Уругвај учествуваа само 13 земји, бидејќи поголемиот дел од европските земји не сакаа да учествуваат, тврдејќи дека патувањето од 25 до 30 дена би можело да биде многу напорно и исцрпувачко за играчите. Така на крајот, од европските репрезентации, само Франција, Белгија, Југославија и Романија учествуваа на премиерниот фудбалски натпревар на светот.
Од американскиот континент учествуваа селекциите на Уругвај, Аргентина, САД, Чиле, Мексико, Бразил, Перу, Парагвај и Боливија.
Првиот натпревар го одиграа Франција и Мексико на 13 јули во Монтевидео, во кој селекцијата на Франција беше подобра, остварувајќи победа со резултат 4 : 1. Така и првиот гол во историјата на одигрување на светските првенства го постигна францускиот фудбалер Лусиен Лорен во 19. минута од мечот.
По одиграните натпревари во четири групи, во полуфиналето на првенствата се пласираа селекцијата на Аргентина, Уругвај, САД и Југославија. Во полуфиналниот натпревар, Уругвај ја совлада репрезентацијата на Југославија со 6 : 1, додека Аргентина ги победи САД со идентичен резултат.
Во финалето одиграно на 18 јули во Монтевидео репрезентацијата на Уругвај ја совлада Аргентина, со резултат 4 : 2, и така стана светски првак. Погодоците за Уругвај ги постигнаа Пабло Дурадо во 12. минута, Педро Сеа во 57. минута, Викториано Ириарте во 68. и Хектор Кастро во 89. минута, додека стрелци за Аргентина беа Карлос Пиколе во 20. и Гилермо Стабиле во 37. минута.
Најдобриот стрелец на 1. Светско првенство беше Аргентинецот Гилермо Стабиле со 8 постигнати голови. Репрезентативците на Аргентина постигнаа вкупно 18 голови на Првенството. Втор на листата стрелци беше Уругваецот Педро Сена со 5 постигнати голови.
На Светското првенство во Уругвај, во 18 одиграни натпревари постигнати се вкупно 70 голови, односно 3,9 голови по натпревар.