Doga Kirmizioglu
20 Декември 2016•Ажурирај: 21 Декември 2016
КАТАР (АА) - Катар се подготвува за организација на Светското првенство во 2022 година, а работниците на градилиштата ќе добијат заштитни шлемови што ќе ја намалуваат температурата на телото и до десет Целзиусови степени, за работниците да можат да ги извршуваат тешките градежни работи изложени на високите температури карактеристични за регионот, јавува Anadolu Agency (AA).
Врховниот комитет за проекти и културно наследство, кој во Катар е задолжен за водење на работите во подготовките на Мундијалот на ФИФА во 2022 година, најави дека во наредниот период, градежниците што работат на изградба на фудбалскиот стадион ќе носат специјални заштитни шлемови коишто се направени со современа технологија. Тие ќе дејствуваат како разладувачка направа за работниците што работат тешки работи на топло време, при температури од 50 Целзиусови степени.
Во соопштението се наведува дека во заштитните шлемови е инсталиран систем којшто врз основа на сончевата енергија дејствува како разладувачки клима-уред.
„Благодарение на новите технологии ќе ја олесниме работата на градежниците што работат на стадионот и на другите придружни објекти“, изјави Абдел Гани, професор на Универзитетот во Катар каде што е создаден заштитниот шлем со систем за ладење.
Гани истакна дека секој заштитен шлем има капацитет од четири часа непрекинато разладување, и дека станува збор за револуционерен производ за секторот градежништво.
Би требало на лето, наредната година, работниците да ги заменат постоечките заштитни шлемови со нови разладувачки шлемови.
Катар е една од најбогатите земји и се соочува со критики во многу кругови поради тешките услови и лошите безбедносни мерки во кои работниците ги градат фудбалските комплекси за Светското првенство. Досега, во несреќи на овие градилишта животот го загубија повеќе стотици работници од Катар, Непал и другите земји.