Serdar Bıtmez,Halime Afra Aksoy
04 Август 2021•Ажурирај: 06 Август 2021
ДОХА (АА) - Катарската телевизија „Ал Џезира“ соопшти дека новинарот Ребии ал Шејх, еден од нејзините вработени од Египет, бил приведен на Меѓународниот аеродром во Каиро, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во веста на каналот „Ал Џезира Мубашер“ се наведува дека Шејх, кој од Катар дошол во Египет на краток одмор со своето семејство, бил приведен од безбедносните сили кога пристигнал на Меѓународниот аеродром во Каиро.
Во веста се истакнува дека Обвинителството за државна безбедност на Египет го осудило новинарот Шејх, кој работи во „Ал Џезира Мубашер“, на 15 дена затвор за „ширење лажни вести“.
Исто така, се нагласува дека телевизијата „Ал Џезира“ води преговори со египетските власти за ослободување на Шејх.
Од друга страна, египетските власти сè уште немаат дадено официјална изјава во врска со приведувањето.
Телевизијата „Ал Џезира“ со седиште во Катар информираше дека на 31 јули, по 8 години за првпат од Египет имале пренос во живо.
„Ал Џезира“ ги затвори своите канцеларии во Египет, откако плоштадите „Рабиа“ и „Нахда“ беа испразнети на 14 август 2013 година.
Еден месец подоцна, египетското правосудство одлучи да ја затвори „Ал Џезира Мубашер“ во Египет.
По кризата во Заливот во 2017 година, односите меѓу Египет и Катар започнаа да се подобруваат со 41. Самит на Советот за соработка во Заливот, одржан во градот Ал-Ула, Саудиска Арабија, на 5 јануари 2021 година.
По завршувањето на кризата, беа направени позитивни чекори, така што и двете земји си назначија амбасадори.