Dejan Maksimoviç
16 Јуни 2017•Ажурирај: 17 Јуни 2017
TOРИНО (АА) - Почина навивачка на Јувентус, која беше повредена во стампедо на плоштадот Сан Карло во Торино за време на финалето на Лигата на шампионите (ЛШ), на 3 јуни, потврди синоќа клубот од Торино и изрази сочувство до семејството, јавува Anadolu Agency (AA).
Во стампедото што беше предизвикано од толпа луѓе, додека на отворено се гледаше преносот од финалето на Лигата на шампионите меѓу Јувентус и Реал Мадрид, беа повредени повеќе од 1.500 фанови.
Експлозијата на петарди предизвика паника на плоштадот, а вчера беше потврдено дека како последица од здобиените повреди починала повредената Ерика Пиолети.
„Фудбалскиот клуб Јувентус сака да изрази искрено сочувство поради смртта на Ерика Пиолети. Настаните штот се случија во Торино и жртвите на трагедијата на 3 јуни, секогаш ќе бидат во срцата и мислите на сите што на кој било начин се вклучени во работата на нашиот клуб“, соопштија од Јувентус.
Последните видеоснимки што се појавија покажуваат како фановите ја рушат оградата и се обидуваат да ја преминат за да избегаат од инцидентот што се случи на плоштадот.
Подоцна, навивачите потврдија дека се исплашиле од силните експлозии на плоштадот затоа што мислеле дека се работи за терористички напад.
Во финалето коешто се играше во Кардиф, Јувентус беше поразен од Реал Мадрид со резултат од 1:4.