Saadet Gökce
24 Ноември 2026•Ажурирано: 24 Ноември 2026
Јапонската премиерка Санае Такаичи денес, за време на средбата со претседателката на Меѓународниот кривичен суд (МКС) во Токио, ја потврди поддршката на Токио за овој суд, пренесува Анадолу.
Претседателката на МКС, Томоко Акане, која е јапонска државјанка, побара од Такаичи Јапонија предвреме да го уплати својот утврден придонес за МКС за 2027 година, наведувајќи ги како причина моменталните околности со кои се соочува судот, се вели во соопштението објавено на американската платформа за социјални медиуми X.
Такаичи изјави дека Јапонија, која е најголемиот финансиски донатор на МКС, одлучила целосно да го уплати својот утврден придонес за 2027 година до крајот на оваа година.
Јапонија „силно ќе го поддржува МКС за тој да може да ја исполни својата наменета улога и функции во одржувањето на владеењето на правото“, рече Такаичи.
Администрацијата на Трамп на 9 октомври воведе санкции против МКС, надоврзувајќи се на претходните санкции врз неговите судии и обвинители, меѓу кои и Акане.
Акане (70) потекнува од јапонската префектура Аичи. Таа стана судија во МКС на 11 март 2018 година, со мандат од девет години, а во март 2024 година беше избрана за претседател на судот.
Вашингтон се спротивставува на истрагите на МКС во кои е вклучен американски персонал.
Притисокот на САД врз МКС доаѓа во време кога судот издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант, поради воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Судот со седиште во Хаг ги истражува и гони случаите на геноцид, воени злосторства, злосторства против човештвото и злосторство на агресија, во ситуации кога националните органи не сакаат или не се во можност вистински да спроведат постапки.
САД не се членка на МКС. Јапонија, која е значаен финансиски донатор на судот, ја задржа својата поддршка за оваа институција и покрај блискиот безбедносен сојуз со Вашингтон.