Barış Seçkin
04 Јуни 2017•Ажурирај: 04 Јуни 2017
РИМ (АА) - Околу 600 лица беа повредени во синоќешното стампедо кое се случи во фан-зоната во центарот на Торино, каде што навивачите на Јувентус на големите екрани го гледаа финалниот натпревар од Лигата на шампионите, јавува Anadolu Agency (AA).
На централниот плоштад во Торино, илјадници фанови го следеа преносот од финалето на Лигата на шампионите, каде што во Кардиф се сретнаа Јувентус и Реал Мадрид.
Реал конечно славеше победа со 4:1 и го освои трофејот, но тажната вест пристигна синоќа од Торино, не поради поразот на торинската Стара дама во финалето на Лигата на шампиони, туку поради стампедото коешто се случи во фан-зоната во центарот на градот, поради лажна дојава за експлозија.
Италијанската новинска агенција АНСА објави дека навивачите во паника бегале од плоштадот, рушејќи ги преградите со кои беше заобиколен.
Локални извори објавија дека околу 600 луѓе побарале медицинска помош откако биле повредени во стампедото.
Телевизија Реј објави дека повеќето се повредени во турканиците со цел да избегаат од плоштадот, на кој имало големи количини скршени шишиња.
Меѓу повредените има најмалку седум животно загрозени лица.
Претседателот на Јувентус, Андреа Aгнели, изрази жалење поради инцидентот, им посака на повредените брзо закрепнување, а од надлежните институции побара спроведување на истрага за случајот.