спорт

Последните 100 дена пред Олимпијадата во Токио во сенка на Ковид-19

Олимписките игри, кои во својата историја за првпат беа одложени поради епидемија, ќе започнат на 23 јули во главниот град Токио

Ahmet Furkan Mercan  | 14.04.2021 - Обновена : 15.04.2021
Последните 100 дена пред Олимпијадата во Токио во сенка на Ковид-19

ТОКИО (АА) - Во последните 100 дена пред почетокот на Олимписките игри во Токио 2020, што се планирани да се одржат во Јапонија од 23 јули до 8 август, се влегува во сенка на епидемијата на новиот тип коронавирус (Ковид-19), пишува Агенција Анадолија (АА).

Олимписките игри, кои во својата историја за првпат беа одложени поради епидемија, ќе започнат на 23 јули во главниот град Токио.

Новинарот на АА ги состави одговорите на некои од прашањата во врска со најновата состојба на Олимписките игри во Токио 2020 одложени за 2021 година, што ќе се одржат во атмосфера спротивна на вообичаените летни игри.

- Каков е погледот на Јапонија и Меѓународниот олимписки комитет (МОК) кон Олимписките игри во Токио во време на епидемијата на Ковид-19?

Владата на Јапонија и Меѓународниот олимписки комитет (МОК) известуваат дека Олимписките игри во Токио ќе се одржат со соодветни епидемиски мерки насочени кон безбедноста на учесниците и народот на Јапонија.

Претседателот на МОК, Томас Бах, изјави дека не постои „план Б“ за Олимпијадата, додавајќи дека Организацискиот одбор на ова натпреварување објавил дека не е можно повторно да се одложат игрите.

- Кои ќе бидат правилата што ќе се спроведуваат за спортистите?

Според актуелните упатства, странските спортисти ќе треба да имаат негативен тест на Ковид-19 направен во последните 72 часа пред да ја напуштат својата матична земја. Спортистите ќе бидат ослободени од 14-дневниот услов за карантин што се применува во Јапонија.

Секој што ќе се најде во олимписките кампуси ќе биде принуден да носи маска и ќе биде тестиран со ПЦР-тест на секои 4 дена. Спортистите ќе можат да одат на натпреварувачките терени и на некои ограничени локации во означени возила. Од принцип, нема да бидат дозволени туристички патувања и прошетки низ градот.

- Во центрите за натпреварување дали ќе ѝ биде дозволен пристап на публиката?

Олимписките игри и Параолимписките игри во Токио ќе се одржат без присуство на гледачи од странство.

МОК на состанок закажан за април ќе одлучи за максималниот број гледачи што ќе можат да присуствуваат на местата за натпревар, вклучувајќи ги тука и учесниците на игрите.

- Се воведуваат ли нови спортски игри?

На Олимписките игри во Токио 2020 ќе се одржат натпревари во различни области во вкупно 33 спортови.

На овие олимписки игри повторно се враќаат натпреварите во бејзбол и софтбол, што за последен пат беа дел од Олимписките игри во Пекинг во 2008 година.

Каратето, спортскиот алпинизам, сурфањето и скејтбордот за првпат ќе бидат дел од Олимписките игри.

- Каде се поставени олимписките центри за натпреварување?

Постојат околу 40 спортски центри низ главниот град Токио. Главно место на Олимписките игри е Националниот стадион во Јапонија.

Некои натпревари ќе се одржат надвор од Токио. Поради вообичаено високите температури во главниот град, маратонските трки ќе се трчаат во местото Сапоро во областа Хокаидо, најсеверниот град на земјата.

Натпреварите во бејзбол и софтбол ќе се играат во Фукушима, на североистокот.

Велосипедските трки ќе започнат во Токио, а ќе завршат на Меѓународниот автопат Фуџи, близу до планината Фуџи, највисоката точка на земјата.

- Каква е ситуацијата со Русија и Северна Кореја?

На Русија ѝ е забрането учеството поради скандалот со допинг. Сепак, спортистите што во својата историја немаат прекршување на правилата за допинг ќе можат да се натпреваруваат. Не е дозволена употребата на руското знаме и националната химна.

Северна Кореја објави дека нема да учествува на турнирот со цел да ги заштити своите спортисти од епидемијата на Ковид-19. На тој начин Северна Кореја стана првата земја што се повлече од Олимписките игри во Токио.

- Дали постојат некои други загрижености во врска со Олимпијадата?

Екстремно високата температура и влажност се меѓу главните проблеми. Според Јапонската агенција за метеорологија, просечната дневна температура во август минатата година изнесувала 29 степени, додека во текот на месецот, 11 дена температурата изнесувала 35 степени и повеќе.

Организацискиот комитет ќе постави големи вентилатори и вентилатори за ладен воздух во спортските центри во кои активностите ќе се одржуваат на отворено. Покрај тоа, публиката ќе може да понесе свои пијалаци на местата на кои ќе се одржуваат натпреварувањата.

Друга грижа на организаторите претставува реакцијата на јапонскиот народ кон Олимписките игри во Токио.

Според истражувањето на агенцијата „Кјодо“ спроведено овој месец, само 24,5% од анкетираните сакаат турнирот да се одржи според планираното.

- Која е јапонската олимписка историја?

Токио претходно беше домаќин на Летните олимписки игри во 1964 година. Покрај тоа, Зимските олимписки игри се одржаа во 1972 година во јапонскиот град Сапоро и во префектурата Нагано во 1998 година.

- Како е осмислена олимписката маскота?

Олимписката маскота „Мираитова“, дизајнирана е со сина и бела боја, а името претставува комбинација на јапонските зборови „мираи“, што значи иднина и „това“ што значи бесконечност.

Розевите цветови на „сакура“, што се смета за еден од националните симболи на Јапонија, ќе ја заживеат маскотата на Параолимписките игри, „Сомеити“.




На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.