Dejan Maksimoviç
24 Октомври 2017•Ажурирај: 25 Октомври 2017
ПАРИЗ (АА) - Бразилскиот фудбалер Нејмар призна дека Барселона секогаш ќе има посебно место во неговото срце, но додаде дека тој сега мора да се соочи со нова епизода од кариерата во Париз Сен Жермен, пренесува Anadolu Agency (AA).
Нејмар минатото лето, по заминувањето од Барса во ПСЖ со отштета од 222 милиони евра, стана најскапиот играч во историјата на фудбалот.
Вчеравечер, тој беше прогласен за трет најдобар играч на светот за 2017 година, во избор на Светската фудбалска федерација (ФИФА), зад Португалецот Кристијано Роналдо и Аргентинецот Лионел Меси, поранешни соиграчи од Барселона.
„Барселона секогаш ќе биде во моето срце. Уживав во фантастичните сезони со клубот и тоа никогаш нема да го заборавам, но сега мораме да продолжиме понатаму и секој од нас да се концентрира на она што го чека“, рече Нејмар.
Тоа што не беше избран за најдобар фудбалер во светот, воопшто не го вознемири Нејмар, напротив, тој беше задоволен и среќен што е во друштво на најдобрите играчи на денешницата.
По четири одиграни сезони, Нејмар во 2013 година премина во Барселона од бразилскиот клуб Сантос.
Тој му беше верен на каталонскиот клуб до ова лето, кога реши да се пресели во ПСЖ. За „светците“ од Париз оваа сезона одигра 11 натпревари и постигна десет гола.
Иако има само 25 години, брилијантниот напаѓач во дресот на Бразил настапи на 81 натпревар, постигнувајќи 52 гола.